УТРЕ Е ЃУРЃОВДЕН: Празник на обновување на природата и животот, кој се слави во чест на Св. великомаченик Георгиј Победоносец

/ 05.05.2024

Утре на  6 мај се празнува големиот христијански сведен, познат кај народот како Ѓурѓовден, во чест на Свети великомаченик Георгиј Победоносец, празникот на обновувањето на природата и на животот.

Ѓурѓовден е празник кој никогаш не го менува датумот кој секогаш е на 6 мај според Греогоријанскиот или на 23 април според Јулијанскиот календар. Тој се смета за најголем пролетен празник.

Светителот, во чија чест се слави овој празник, св. Беликомаченик Георгиј Победоносец бил роден во Кападокија од богати и благочестиви родители. Татко му пострадал за Христа, а мајка му се преселила во Палестина.

Кога пораснал, Георгиј отишол во војска и во својата дваесетта година го стекнал чинот трибун и како таков служел при царот Диоклецијан. Кога овој цар започна страшно гонење на христијаните, Георгиј истапил пред него и одважно се исповеда дека е христијанин.

Царот го фрлил во затвор, па наредил нозете да му ги стават во клади, а на градите да му положат тежок камен. Натаму во преданието е запишано:

Потоа нареди и го врзаа на тркало под кое имаше штици со големи клинци и така го вртеа додека целото тело не му се направи една голема рана. По ова го закопа во ров, така што надвор од земјата му беше само главата и го остави во ровот три дена и три ноќи. Потоа му даде да испие смртоносен отров. Но при сите овие маки Георгиј непрестајно го молеше Бога и Бог веднаш го исцелуваше и на големо одушевување на народот, го спасуваше Својот маченик од смртта.

Кога Св. Георгиј воскресна и еден мртовец, тогаш многумина ја примија верата во Христа. Меѓу овие беше и царевата жена Александра и главниот жрец Атанасиј, земјоделецот Гликериј, и Балериј, Донат и Терин.

Најпосле царот ги осуди Свети Георгиј и својата жена Александра на смрт со меч. Блажената Александра издивна на губилиштето пред да ја убијат, а Свети Георгиј го убија во 303 година. Безбројни се чудата што се јавија на неговиот гроб.

Многубројни се и неговите јавувања во сон и на јаве на многумина коишто го спомнуваат и ја бараат неговата помош до денешен ден. Сиот разгорен од љубов кон Господ Христос, Свети Георгиј без тешкотии остави сѐ заради својата љубов: чин, богатство, царски почести, пријатели и сиот свет. За оваа љубов Господ го награди со венец на невенлива слава на небото и на земјата и со живот вечен во Своето Царство. И го дарува со сила и власт да им помага на оние што го слават и призиваат неговото име во бедите и неволјите.

Освен празникот Ѓурѓовден што се празнува на 6 мај (23 април, с.с.) македонскиот народ празнува уште два празника поврзани со овој светител и тие спаѓаат во зимскиот период кога се празнува со домашни служби (слави). На 16/3 ноември, на денот кога е обновен храмот на св. Георгиј во Лида, се празнува празникот познат како Ѓурѓиц, а на 9 декември (26 ноември, с.с.) празникот познат како Св. Ѓорѓи – Посен.

Утре им е именден на Ѓорѓија, Ѓурѓа, Ѓоре и многу други.

Вечерва односно ноќта спроти Ѓурѓовден, во некои краишта било обичај да се собираат зелени гранчиња и растенија, да се плетат венци, а со нив да се закитат вратите и прозорите на куќите, влезните порти и капии. Ова се правело според верувањето дека така годината и домот ќе бидат бериќетни, да има здравје, плодови и род во домот, полето и во шталите.


Од истата категорија