Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон утре треба да остварат средба, која, како што објави германската државна агенција ДПА, дипломатите ја сметаат за последна шанса да се убеди Париз да го смени ставот за блокирање на планираниот почеток на преговори со Македонија и Албанија.
-Се надеваме дека Париз уште еднаш ќе размисли за својата позиција и дека нема да дозволи да биде изолиран во Европа од внатрешно-политички причини, вели дипломат во Брисел за германската агенција.
Оценува дека оној што сега ќе го блокира пристапниот процес ќе биде одговорен за можната дестаблизација на регионот.
Германската Влада смета дека Македонија и Албанија ги исполниле сите услови што од нив ги побарала ЕК. Германската агеција ДПА нагласува дека блокадата ќе биде особено горчлива за С. Македонија, која се согласи на промена на името за да го откочи процесот на интегрирање во Унијата.
Германија не е единствената која не се согласува со францускиот потег, пишува ДПА и додава дека таквиот став го споделуваат и многу други земји-членки на ЕУ.
Франција сака да поднесе предлог за нова методологија во пристапните преговори за членство во ЕУ на министерскиот состанок во Луксембург, со што би можело третпат да се одложи одлуката за отворање преговори за Албанија и Македонија. Поголемиот дел од земјите во ЕУ се за почеток на преговорите со Македонија и Албанија.
В понеделник е свикан нов состанок на COREPER, како обид за постигнување на консензус пред министерскиот Совет за општи работи кој треба да заседава во вторник, на 15-ти октомври во Луксембург.