Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ луѓето се придружува на првиот Скопје Прајд, што ќе се одржи утре во Скопје.
– Со учеството на овој мирен протестен марш, испраќаме порака за солидарност и поддршка на нашите ЛГБТИ сограѓани во борбата против стигматизација, дискриминација, насилство и говор на омраза кон нив, се наведува во соопштението на ИППГ.
Маршот е можност ЛГБТИ, како една од најмаргинализираните заедници, да добие видливост во општеството и поддршка во надминувањето на проблемите со кои се соочува. Затоа во многу градови ширум светот, вклучително и на Балканот, се одржуваат паради на гордоста, се додава во соопштението.
Натаму се наведува дека Интерпартиската група продолжува континуирано да придонесува за подигање на јавната свест за потребата од унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето и развој на современо демократско општество со еднакви можности за сите.