Скопското Основно јавното обвинителство информира дека за случајот во кој, според шпекулациите кои постојат во јавноста, сопственик на медиум рекетира и изнудува пари од бизнисмени и услуги од власта, не се води истрага, како што истакна премиерот Зоран Заев, туку се прибираат информации.

-Јавното обвинителство од самиот почеток ги следи сите информации и ќе постапува доколку бидат утврдени елементи на кривично дло. Истрага е друга фаза од постапката. Се уште не е донесена наредба за спроведување на истражна постапка, изјавиле од ОЈО за дневниот весник Слободен печат.

Оттаму објаснуваат дека додека не се донесе наредба за истрага не се познати повеќе детали, како тоа колку луѓе би биле опфатени, за какви активности станува збор и за кои кривични дела.

Денеска на собраниска седница, во врска со овој случај во кој се користат псевдоними Кики, Мики, Коки, Роки или слично,  Заев изјави дека бил запознат со случајот:

– Да, има допрено глас до мене, како и до целата јавност и не застанав тука. Прашав, проверив преку институциите и рекоа дека се води истрага. Истрагата ќе ги покаже резултатите, не сакам никого да обвинувам и драго ми е што се води истрага врз основа на допрен глас или на основа некоја конкретна пријава, изјави Заев на денешната собраниска седница одговарајќи на пратеничко прашање за наводни изнудувања на пари од бизнисмен и поранешен градоначалник на скопска општина од страна на извесен сопственик на телевизија со псевдоним Коки.