Општина Велес овој викенд по 14. пат од 19 до 21 октомври го организира Фестивал на велешка пита и вино 2018.
Освен специјалитет на градот велешка пита пастрмајлија и македонски вина од Повардарието, фестивалот на посетителите ќе им понуди многу музика со македонски групи и пеачи и настап на фолклорни ансамбли и ритмичко – балетски студија.
Оваа година манифестацијата ќе се одржи на поголема локација од Плоштадот С’рмаале, па нагоре долж главната улица, пред кафетериите па се до кружниот тек Авона. Новина е и што бината наместо кај гимназија годинава ќе биде во центарот на Велес на плоштадот С’рмаале.
Манифестацијата ќе биде од изложбен и продажен карактер.
Како што информира на денешната прес конференција градоначалникот Аце Коцевски, годинава првпат на фестивалот ќе има и Саем за рачни ракотворби и сувенири од велешките занаетчии. Воедно првпат од општинската организација на жени организираат и продажба на велешкиот специјалитет ѓозлемето-сукана пита од тесто со месо.
Отварањето на фестивалот е утре во 14 часот кога на бината на С’рмаале ќе настапат 90 дечиња од градинката „Димче Мирчев“, а потоа и балетската група „Црни мачиња“ и „Дабл Трабл“.
Питата пастрмајлија во Велес се подготвува од 1869 година за што има и пишан документ. Во рамките на манифестацијата в недела на помошното игралиште во Градскиот парк ќе се одржи и меѓународен турнир на пеливани.