На концесионерот на „Македонско село“ за еднострано раскинување на договорот ќе му биде активирана гаранцијата за квалитетно извршување на договорот во износ од околу 43.000 евра и подмирување на закупот за наредните шест месеци, соопшти Владата.

На наредната седница Владата ќе достави информација за целосната постапка што произлегува по раскинување на договорот и потоа ќе донесе одлука за натамошно постапување со комплексот на падините на скопско Водно.

Ова го соопшти  директорот на Служба за општи и заеднички работи на Владата на РМ Пеце Мирчевски, кој како што информираше денеска имал средба со претставници на концесионерот на „Македонско село“ Тинекс  и Квинс хотел на која го повториле ставот за еднострано раскинување на договорот и за обврските што произлегуваат од тоа.

– Претставници на менаџментот известија дека се свесни за правните обврски кои произлегуваат од Договорот, а тоа подразбира активирање на гаранцијата за квалитетно извршување на Договорот во износ од 2.690.409 денари, односно околу 43.000 евра, изјави Мирчевски.

Концесионерот, како што извести, го раскинува договорот поради работење исклучиво со загуба.

Мирчевски потенцира дека ако се има предвид дека месечната кирија за комплексот изнесувала 3.500 евра и дека во овој момент се покажува дека таа е неодржлива и дека комплексот работел со загуба, вели дека преку едноставна пресметка може да се заклучи дека за државата и граѓаните да си ги повратат вложените средства би биле потребни повеќе од 150 години.

Комплексот ќе остане затворен, а Владата ќе одлучи за понатамошното постапување, рече Мирчевски.