Општина Велес овој викенд по 14. пат од 19 до 21 октомври го организира Фестивал на велешка пита и вино 2018.

Освен специјалитет на градот велешка пита пастрмајлија и македонски вина од Повардарието, фестивалот на посетителите ќе им понуди многу музика со македонски групи и пеачи и настап на фолклорни ансамбли и ритмичко – балетски студија.

Оваа година манифестацијата ќе се одржи на поголема локација од Плоштадот С’рмаале, па нагоре долж главната  улица, пред кафетериите па се до кружниот тек Авона. Новина е и што бината наместо  кај  гимназија годинава ќе биде во центарот на Велес на плоштадот С’рмаале.

Манифестацијата ќе биде од изложбен и продажен карактер.

Како што информира на денешната прес конференција градоначалникот Аце Коцевски, годинава првпат на фестивалот ќе има и Саем за рачни ракотворби и сувенири од велешките занаетчии. Воедно првпат од општинската организација на жени организираат и продажба на велешкиот специјалитет ѓозлемето-сукана пита од тесто со месо.

Отварањето на фестивалот е утре во  14 часот кога на бината на С’рмаале  ќе настапат 90 дечиња од градинката „Димче Мирчев“, а потоа и балетската група „Црни мачиња“ и „Дабл Трабл“.

Питата пастрмајлија во Велес се подготвува од 1869 година за што има и пишан документ. Во рамките на манифестацијата в недела на помошното игралиште во Градскиот парк  ќе се одржи и меѓународен турнир на пеливани.