Државниот санитарен и здравствен инспекторат досега има иницирано 25 вонредни надзори за сите условно речено, помлади пациенти. Три од нив се во текот на последната недела, а утре следува и инспекциски надзор за 28-годишен пациент кој почина на 8 декември, истакна директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Сотирова Бухова.

Таа на денешната прес-конференција во одговор на прашање посочи дека вонредниот инспекциски надзор како и секогаш, го опфаќа целокупниот пат на лекување на пациентот. Од неговиот матичен доктор до установата каде починал.

За поголем од овие вонредни инспекциски надзори, Бухова рече дека веќе имаат иницирано стручен надзор до Министерство за здравство и Лекарската комора. По нивно завршување, како што појасни, ќе дадат поконкретни одговори во однос на тоа дали имало лекарски пропуст или пропуст во лекувањето.

Прашана за болницата во Битола каде беа забележани санитарни нерегуларности, Бухова посочи дека контролното решение во болницат ќе се изврши во текот на наредните денови, затоа што тоа е поголем градежен зафат и од разбирливи причини не може да биде завршено за три или пет дена.

Како што појасни Бухова, контролите во сите јавни и приватни здравстевни установи ДСЗИ ги врши во континуитет. Таму каде што има забелешки веднаш се реагира со изрекување наредби со решение. Таа појасни дека контролното решение се врши во оној момент кога е овозможено оптимално време за да се санираат состојбите.

На прашањето дали досега од сите надзори имаат констатирано лекарски пропуст во лекување, Бухова рече дека тоа не е надлежност на ДСЗИ.

-Во овие 8/9 месеци наназад таму каде што имаме констатирано недостатоци сме изрекувале веднаш мерки со решенија. Во онос на пропусти при лекувањето, тоа не е во надлежност на ДСЗИ, тоа го цени посебна Комисија формирана од министерот или Лекарска комора, каде учестуваат специјалисти од повеќе области. Во однос на иницириниот надзори до сега повратен одговор немаме, што не значи дека не се завршени, појасни Бухова.

Во однос на тоа дали изминативе 9 месеци имале пријава од пациент кој не добил одредена здравствена услуга, Бухова рече дека имало една пријава на почетокот, при што ДСЗИ веднаш реагирал и имало промена на директор на една општа болница. Во последниот период, како што рече, таа појасни дека нема пријави во однос на непружање здравствена заштита на пациент за болен од ковид.

Бухова информира дека од минатата недела до денеска во тек се 11 стручни надзори за починати пациенти. Три се дополнителни, покрај тековните осум од минатата недела. За овие надзори е потребно повеќе време, бидејќи како што појасни, мора да се следи целиот тек на лекување од матичен доктор, лекување дома, патување преку Итна медициска помош до соодветна институција и хоспитализација.

-Нема брзање во вонредните инспекциски надзори затоа што врз база на вонредните инспекциски надзори понатаму можеби ќе треба вонреден стручен надзор за конечен исход во однос на тоа дали има или нема грешка во лекувањето, рече Бухова.