Непалци и Филипинци најверојатно ќе дојдат да работат во Македонија, но како што објави економскиот портал Фактор, ако државата им покрие оброци и сместување оти и за нив проселната македонска плата е ниска.

Тие, како што објавува Фактор, за Македонија речиси ништо не знаат, но откако им било кажано колку изнесува просечната плата, велат дека би работеле, ако имаат и други бенефиции.

– Зависи што ќе работат, но секако дека е можно Филипинци да работат во Македонија. Нашите луѓе заминуваат надвор, работат различни професии. Овде е тешко да се најде работа, посебно во малите места. Луѓето се вредни и знаат странски јазици. Заминуваат во САД, доаѓаат во главниот град Манила поради работа, одат и на други места. Некои остануваат да живеат во странство, а некои се враќаат, вели за Фактор, Јоселин Монгаја, која живее во Манила на Филипините.

И Непалката Прабина Срестха за порталот додава дека македонската просечна плата е многу ниска.

– Нашите луѓе одат насекаде да работат, од Европа до Америка. Ние имаме сиромашна, средна и богата, висока класа во државата. Луѓето заминуваат надвор за да заработат. Дали се работи за мал или голем град во Непал, исто е, овде е тешко за наоѓање работа. Јас барам работа, но уште сум невработена. Tри години сум без работа. Но, вашите плати се доста ниски, вели Срестха, која живее во Катманду.

Според податоците кои се достапни на интернет просечната плата во Непал е 664 американски долари. Соговорничка од Непал потврдува дека тоа е реален податок за просечната заработка кај нив. Податоците кои се однесуваат за платите на Филипините, покажуваат дека зависно од типот на компанијата, има работници кои земаат плати од 170, 210, 270 долари месечно.

Како што е веќе објавено, од почетокот на годинава до крајот на март, Агенцијата за вработување дала позитивни мислења за работна дозвола за странец до МВР за две лица од Непал, 10 од Пакистан, додека за Бангладеш нема поднесени барања.