Македонија има дипломатски ас в рака против бугарското вето и уцената за ЕУ, за негово симнување, смета Саша Узунов, познат филмски работник и македонски активист од Австралија.
Узунов предлага Македонија на уцените да одговори, како Турција, со условувања:
– Македонија има да одигра дипломатски ас против бугарското вето и уцената за ЕУ, но останува да се види дали таа ќе избере таков дрзок план. Многу е веројатно дека Стејт департментот на САД нема да го дозволи. Веројатно и амбасадорот на САД во Македонија ќе се спротивстави на тоа. Сепак, ајде да го ставиме на маса. Нема потреба да се прифати предлогот од францускиот претседател Макрон, кој ја поддржува уцената од Бугарија. Сеедно, Македонија едноставно го блокира влезот на Финска и на Шведска во НАТО сè додека Бугарија не го отфрли своето вето за ЕУ, објави Узунов на Твитер.
Тој во обајавата додава дека „тoa е тешка, но фер зделка“.
– Ако може турскиот претседател Ердоган да преговара и да исцеди договор за Финска и за Шведска, зошто да не може Македонија?- пишува Узунов во својата објава на Твитер.