По завчерашните два инцидента во КПУ „Скопје“ и констатираните пропусти во безбедносните протоколи на затворот, директорот Ѓоко Котевски најави дека ќе поднесе оставка. Оставката се очекува в понеделник, кога треба да биде готов и извештајот од истрагата за немилите настани во кои физички беа нападнати поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.
-Заедно со извештајот од истрагата, ќе депонирам и оставка, потврди за МИА директорот на затворот.
Според него, досегашната истрага покажа пропусти во постапувањето и непочитување на стандардните безбедносни протоколи во службата за обезбедување во КПУ „Скопје“. Поради тоа, Котевски, како што изјави, чувствува морална одговорност и ќе се повлече од функцијата.
-Јас сум одговорен човек, професионалец, посветен на службата и кога службата ќе потрфли, логично е од професионални и морални причини да се поднесе оставка, рече вчера директорот пред затворот во Шутка.
Претходно, во текот на денот, премиерот Зоран Заев ги осуди инцидентите и побара оставка од Котевски. Наведе дека независно кој е виновен за инцидентите, директорот треба да понесе одговорност.
-Според очевидците и писмените изјави на лицата, вербалните инциденти ги почнале лицата М. Ј. и С. Р., по што биле физички нападнати. Се разбира, за сите физички насилства нема оправдување. Тие треба секој да ги осуди, секој од нас, и затоа треба да се преземе одговорност, подвлече Котевски, додавајќи дека го прифаќа барањето на премиерот Заев.
Котевски најави дека в понеделник ќе биде завршена комплетната внатрешна истрага, а потоа извештајот ќе биде доставен до Министерството за правда, до Управата за извршување санкции и до Кабинетот на премиерот.
Поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски на кои им беше одредена мерка притвор за настаните во Собранието на 27 април 2017 година, физички биле напданти од Л. К. и Е. С. Според Котевски, М. Ј. и С. Р. биле сместени во различни павилјони поради што и инцидентите се случиле во различно време, едниот во едно, а по еден час и другиот во друго шеталиште. Извршени се разговори и земени се изјави од притворените лица вклучени во немилиот настан.
Основниот суд – Скопје 1 синоќа соопшти дека Кривичниот совет му ја усвоил жалбата на Јанакиески порадо што мерката притвор му е преиначена во 30-дневен куќен притвор, додека Ристовски останува во „Шутка“. На Јанакиески воедно му се забранува комуникација со лицата опфатени во кривично-правниот настан без довзола од Судот.
Како што информира директорот Котевски, вчера се преземени нови протоколи и повикани се поголем број затворски чувари на работа.