„Тука во Скопје перспективите на идното пристапување во ЕУ се голема тема. Германија ја поддржува Македонија на овој пат, којшто не е секогаш е лесен“. Ова во стори на својот Инстаграм профил го објави шефот на германската дипломатија Јохан Вадефул, по средбата синоќа во Скопје со својот македонски колега Тимчо Муцунски.
– С. Македонија веќе постигна многу. Сега, напредокот во односите со Бугарија е особено важен за да се постигне натамошен успех во процесот на пристапување, додава во објавата германскиот министер за надворешни работи, кој вчера беше во прва официјална посета на земјава во рамки на неговата балканска турнеја.

Ведефул исто така потенцира дека Германија и Северна Македонија одржуваат блиски врски. -Речиси 30 проценти од учениците во земјата го изучуваат германскиот јазик, објави германскит министер.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Муцунски објави дека со неговиот германски колега ја потврдиле заедничката определба за унапредување на билатералната соработка и пријателските односи меѓу двете земји.
-Посетата на шефот на германската дипломатија на земјава претставува јасна потврда за силната германска поддршка на европската перспектива на регионот и уште еднаш ја потврдува важноста што Германија ѝ ја придава на регионот на Западен Балкан, а особено на нашата држава, истакна Муцунски.

Како што синоќа соопшти МНРиНТ, Муцунски се заблагодарил за континуираната и недвосмислена германска поддршка на евроинтегративниот процес на нашата земја. Тој го информирал министерот Вадефул за актуелните активности поврзани со европската агенда, реформските процеси, регионалната соработка и добрососедските односи, при што ја потврди силната посветеност на Владата кон спроведување на реформите и напредокот на патот кон членство во Европската унија.
Министерот Вадефул уверил дека Германија останува силен поддржувач на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската унија, вклучително и на нашата држава. Тој нагласил дека целосната европска интеграција на регионот претставува најсилен гарант за долгорочна стабилност, мир и просперитет во Европа, додаваат од МНРиНТ.

Вадефул претходно вчера се сретна и со премиерот Христијан Мицкоски, на која станало збор за тековните регионални предизвици и можностите за заеднички иницијативи. – Денеска остварив средба со германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул. Разговаравме за продлабочување на соработката меѓу двете земји, тековните регионални предизвици и можностите за нови заеднички иницијативи, се наведува во објавата на Фејсбук на премиерот Мицкоски. нд/са/
Фото: Инстаграм Јохан Вадефул, МИА архива




