Бројот на активни случаи на КОВИД-19 во земјава е 10.785 лица, додека опфатот на вакцинација со една доза, на полнолетната популација е 47 отсто, а со две дози опфатени се 44 отсто од граѓаните над 18 години.
Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина, покажуваат информациите на Министерството за здравство.
Заклучно со вчера, според информациите од МЗ, вкупно се вакцинирани 793.179 граѓани, ревакцинирани се 743.374, а трета доза примиле 571 граѓанин.
Согласно податоците од Институтот за јавно здравје во последните 24 часа, од направени 2.974 тестирања, регистрирани се 393 нови случаи на КОВИД-19. Оздравени се 397 пациенти, а 20 граѓани ја изгубиле битката со вирусот во последните 24 часа.
Дополнително, согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза КОВИД-19 од Мој Термин, пријавени се уште пет починати лица, со датум на смрт од 21.09.2021 до 02.10.2021 година.
Досега во земјата се направени вкупно 1.311.162 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на Ковид-19 дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 193.846. Оздравени се 176.278, а починати 6.783.
Во Србија во овој момент се вакцинирани 2.907.688 лица, што е 54 проценти од полнолетната популација. 2.793.425 лица се ревакцинирани, што е 52 отсто. Третата доза ја примиле 655.370 луѓе или 12 проценти од населението, информираше вчера премиерката на Србија, Ана Брнабиќ.
Во Црна Гора, 54,4 проценти од возрасната популација се вакцинирани со првата доза на вакцината против КОВИД-19, а 48,1 проценти се ревакцинирани. Досега се дадени 468.367 дози вакцини против КОВИД-19. Првата доза на вакцината ја примиле 248.628 луѓе или 40,1 проценти, а втората 219.739 или 35,4 проценти од вкупното население.
Американската фармацевтска компанија Фајзер вчера соопшти дека од Управата за храна и лекови (ФДА) побарала дозвола вакцината против Ковид-19 да се аплицира на деца од пет до 11 години.
Вакцината на „Фајзер“ е одобрена за тинејџерите на возраст од 12 до 15 и за постари од 16 години.