Вакцинацијата се одвива со добро темпо на територијата на целата држава. Заклучно со 17-ти октомври, со една доза на вакцина против Ковид-19 вакцинирани се 49,4 отсто од населението над 18 – годишна возраст. Кај лицата над 40 – годишна возраст опфатот со една доза изнесува 57 отсто, кај лицата на возраст од 18 до 39 години опфатот со една доза на вакцина изнесува 33 отсто, соопшти Министерството за здравство.
Во текот на вчерашниот ден аплицирани се вкупно 2.379 дози вакцини, од кои 700 се аплицирани како прва доза, 1.585 се ревакцинирани, а 94 граѓани примиле трета доза вакцина. Заклучно со 19 октомври вкупно се вакцинирани 800.103 граѓани, ревакцинирани се 764.953, а трета доза примиле 1.292 граѓани, соопшти Министерството за здравство.
Педесет и четири отсто од граѓаните над 40 – годишна возраст, како што се посочува, се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.
Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57 отсто, а со две дози опфатени се 46 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина, информираат од Министерството.
Според последните податоци, најмногу со прва доза вакцинирани граѓани има во градовите Охрид (65,1 отсто), Кавадарци (65,3 отсто), Неготино (66,3 отсто), Гевгелија (62,4 отсто) и Ресен (60,6 отсто). Меѓу 50 до 60 отсто опфат на вакцинирано население со прва доза има во градовите Битола, Кичево, Велес, Берово, Пехчево, Прилеп, Крушево, Скопје, Валандово, Штип, Пробиштип. Меѓу 40 до 50 отсто опфат на вакицнинирани граѓани има во градовите Кичево, Свети Николе, Кочани, Виница, Делчево, Крива Паланка, Струга, Македонски Брод и Тетово. Меѓу 30 до 40 отсто, односно најмалку вакцинирани во моментов има во Куманово, Кратово, Дебар, Струмица, Гостивар и Радовиш.
Во тек е вакцинација во постоечките вакцинални пунктови во државата, каде граѓаните може да се вакцинираат без да закажат термин. Вакцини има доволно и се достапни за сите кои сакаат да се вакцинираат. Со извршена комплетна вакцинација се заштитувате себеси и своите најблиски од компликации на болеста предизвикана од Ковид-19. Вакцините штитат од смртен исход и спречуваат натамошно ширење на вирусот, информираат од Министерството и ги повикуваат сите кои досега не се вакцинирале, да го направат тоа во најскоро време на еден од најблиските пунктови до местото на живеење.
Интересно е тоа што многу мала заинтересираност за вакцинација има токму градот чиј долгогодишен градоначалник беше сегашниот премиер Зоран Заев, кој се вакцинираше со министерот за здравство Венко Филипче, и повикуваа граѓаните да се имунизираат. Но, исто така е за одбечежување дека премиерот и министерот постојано апелираа за почитување на мерките и протоколите за заштита од Ковид-19 кои тие не ги почитуваа и ги прекршуваа пред и за време на изборната кампања за локалните избори.