Куба вакцинираше над 90 отсто од своето население со најмалку една доза од вакцината против коронавирус, додека 83 отсто од населението се целосно вакцинирани. Државата имунизирала повеќе граѓани против коронавирусот отколку повеќето најголеми и најбогати земји во светот, јавија американски медиуми.

Додека многу соседни земји во Јужна Америка се натпреваруваа за вакцини произведени од побогати земји, здравствените власти велат дека Куба постигнала напредок во вакцинацијата со развивање на сопствена вакцина против коронавирусот. Бројот на нови инфекции и смртни случаи на островот е намален во последните недели. Речиси сите деца на Куба на возраст од две до 18 години сега се вакцинирани со домашни вакцини. Училиштата се отворени, а странските туристи се добредојдени.

Според очевидци на кои се повикуваат американски медиуми, болниците и мртовечниците, кои беа преполни во август, работат на ниво пред пандемијата на коронавирусот. Кубанските власти соопштија дека вакцините произведени во таа држава – Abdala, Soberana-2 и Soberana Plus – се базирани на протеини и обезбедуваат повеќе од 90 проценти заштита од Ковид-19.