На барање на АФД министерството за здравство на Долна Саксонија објави како пандемијата, мерките против истата и вакцините влијаеа на тамошните деца.
Во сојузната држава барем една доза вакцина против ковид имаат примено 505.569 деца и тинејџери на возраст од 5 до 18 години. Од нив околу 9.300, или 1,6%, имале непосакувани нус-појави кои биле медицински третирани, објави Билд, пренесува Офнет.
Во исто време во Долна Саксонија имало вкупно 620.213 деца и тинејџери на возраст од 5 до 18 години што до сега биле заразени со коронавирусот. Од нив 305, или 0,04 проценти, морале да бидат хоспитализирани, вклучително и двајца кои биле ставени на апарати за дишење.
Иницијативата на АФД за објавување на овие статистики е во корист на нивното барање за воведување на забрана за мРНА вакцините, технологија што се користи во анти-ковид вакцините на Фајзер и Модерна.
Освен овој директен судир на потребата и опасноста од вакцина наспроти природниот имунитет кај младите, извештајот ги покажува и резултатите од изолацијата на младите и прекинувањето на контакт со околината.
Според министерството за здравство значително е зголемен бројот на деца што треба да биде третиран од депресија. Па ако пред пандемијата бројките се движат меѓу 4.900 и 5.500 случаи, во првиот квартал на 2023 тоа се 8.700 случаи. Додека бројот на деца со пореметување во исхраната пораснал од 2.100 случаи во 2018, на сега речиси 3.000.