Димитар ЉОРОВСКИ ВАМВАКОВСКИ
Андреа е роден 1920 година во селото Зрново, Драмско. По занимање бил земјоделец, во селото завршил четиригодишно училиште, женет, татко на три деца, во војната 1940-1941 година учествувал. Во Крит 1941 година бил заробен од Германците. Во 1942 година се врати од заробеништво во својот дом. Во есента 1942 година бил мобилизиран од Бугарите кај кои служел до 1944 година. Во превратот во Бугарија во септември 1944 година бил од страната на комунистите. Потоа, врз основа на спогодба меѓу КПГ и БКП, тој и други како него што биле од Егејска Македонија се вратиле во своите домови.
Со ликвидирањето на Андон Чауш од ЕЛАС во есента 1944 година се активирало народноослободителното движење. На 16 април 1945 година, принуден од монархофашистите пребегнал, во Бугарија. Во месец мај 1945 година со многу други Македонци тој дојде во Македонија. Во февруари 1948 година доброволно стапил во 8-та дивизија на ДАГ. Во јули 1949 година во борбите бил ранет и префрлен во Албанија на лечење. По лекувањето, кое траело три месеци, бил префрлен во логорот на ДАГ – „Сук“.
По доаѓањето во логорот заедно со други Македонци го поставиле прашањето зошто не постои македонско училиште, кога во логорот имало многу Македонци. Од раководството на КПГ бил даден одговорот дека тоа се правело од политички причини. Со капитулацијата на ДАГ борците си го поставиле прашањето што ќе стане со нив и со нивните семејства. Особено тоа прашање ги тангираше оние борци чии семејства се наоѓале во Југославија. Тоа, како и неправилниот став спрема Македонците ги терало да барат разни патишта за враќање во Југославија. Оваа желба ги соедини борците: Андреа Грчилов од село Зрново – Драмско, Томе Каљов од село Нестрам – Костурско, Петар Дрманџиев од село Зрново – Драмско, Атанас Кутрев од село Волково – Драмско, Иван Ќосев од Костурско и други. Тие меѓу нив разменија мисли за нападите против Југославија. Сите имале едно мислење дека е тоа се лага и клевета. И сите се сложиле да побегнат во Југославија илегално. Но грчката безбедност во логорот успеала да ги открие и во август 1949 година тие биле уапсени. Органите на безбедноста, таканаречени „И. Т. О.“ (Служба за редот во логорот), ги употребиле најѕверските методи против нив. Се барало да кажат кои други Македонци имале намера да бегаат во Југославија.
По 20 дена мачење фатените биле предадени на албанската безбедност со акт дека тие се агенти на југословенската служба. Затворените биле затворени во град Пекинг кој се наоѓа меѓу Драч и Елабасан. Органите на албанската безбедност „Сигурими“ уште повеќе се истакнале од своите грчки колеги во мачењето на Македонците. Од фатените се барало да кажат какви задачи имале добиено од југословенската служба, кој офицер на ОЗНА ги испратил во ДАГ, кого познавале во Југославија, итн. Бидејќи од тоа ништо не добиле, борците ги врзале и ги ставиле во темни ќелии поединечно, без вода и леб. Истрагата траела преку еден месец. Потоа биле однесени и затворени во редовен затвор. Затворот во кој биле затворени не бил изграден за таква намера и поради тоа не бил сигурен од бегство. Органите на албанската безбедност што ја вршеле истрагата, како што се гледа, биле убедени дека обвиненито против затворениците Македонци не било вистинито. Затоа тие ги затвориле сите заедно во една училница која не била осигурена од бегство. Затворените борци измачени решиле дека ништо полошо немало да им се случи ако ја отворат вратат и избегаат.
Чапата Вангел од селото Мањак – Костурско, Турунжов од село Патели – Леринско, Андреа Грчилов од село Зрново – Драмско, направиле клуч со кој ја отвориле вратата и тргнале да бегаат за Југославија. Бегството било брзо откриено. Силни полициски и воени единици тргнале во потера против нив. Во планините над Елбасан бегалците биле фатени. За мачењето што следело нема потреба да се пишува. Тоа за многу го надминува оно кога тие за прв пат биле уапсени. Одговорот на фатените бил: „Бегаме затоа што не мачите и затоа што во Југославија се наоѓале нашите фамилии“. Под истрага биле преку еден месец. Потоа биле затворени во централниот затвор каде лежеле до 10 јуни 1951 година.
На 10 јуни 1951 година биле изведени пред суд. Според обвинителниот акт тие биле третирани за шпиунажа против ДАГ во корист на Југославија и обид за бегство. На прашањето на судијата зошто сакале да бегаат за Југославија, обвинетите му одговриле затоа што се Македонци и затоа што Македонија е слободна. Судијата револтиран на тој одговор, рекол дека тие не се Македонци туку Грци, и дека Вардарска Македонија не е слободна, туку е поробена од Титовите фашисти. Тој понатаму рекол дека може да бидат репатрирани само во Грција, а не во Југославија.
Судот обвинетите борци ги осудил: Чапата Вангел и Турунжов на пет години затвор, Андреа Грчилов на 4 години затвор; неколкумина на две години затвор, а останатите биле ослободени. После тоа осудените биле затворени во логорот број еден „Лушни“. Тие тука работеле како робови. До 1956 година промениле неколку логори. Во 1956 година после нормализацијата на односите помеѓу Југославија и источните земји на затворените им била дадена малку слобода. Тие тоа го искористиле да напишат писмо до југословенската амбасада со кое молеле да бидат репатрирани. Амбасадата за неколку дена им одговорила и им побарала генералии и по две слики. Поради тоа тие повторно биле ставени под строга контрола во логорот. Кон крајот на 1956 година сите војници на монархофашистичката војска на Грција биле репатрирани во Грција. Во логорот останале само Македонците. Во 1958 година тие повторно напишале писмо до амбасадата. На 17 мај 1958 година 19 маченици Македонци ја минале албанската граница и пристигнале во Југославија.
Тоа се неколку моменти од трагедиите на тие луѓе. Но има уште и денеска Македонци што лежат во албанските затвори. Нивната грешка е само таа, што тие се Македонци и затоа што ја сакаат Македонија.
МАТЕРИЈАЛИ ЗА СЕЛО ЗРНОВО
Драмска околија, Ег. Македонија