Поради тепан етнички Бугарин, познат во светот на дрогата, еврокомесарот Оливер Вархеи прими македонски Бугари, а за исчезнувања и кршење човекови права на Македонци во Бугарија, никој не се потресува, а таквите двојни стандарди ги одвраќаат Македонците од ЕУ.
Вака реагира холандскиот експерт за Балканот, Ханс ван ден Берг, по вчерашниот прием на тројца македонски Бугари од еврокомесарот Вархеи во Брисел, поради случајот Пендиков.
– Еден етнички Бугарин во Македонија, бивш вмровец познат во светот на дрогата, поврзан со бугарски центар во Македонија, претепан и еврокомесар се среќава со етнички Бугари? Во децениите кога Македонија беше независна, етничките Македонци во Бугарија беа убивани, исчезнати и им беше забрането да имаат македонски центар. Никој не се потресе, се вели во коментрот на Ван ден Берг на Твитер.
Холандскиот експерт додава дека двојните стандарди на ЕУ ги одвраќаат Македонците.
– Бугарија постојано ги игнорираше пресудите на Европскиот суд за човекови права, бидејќи човековите права на етничките Македонци во Бугарија беа сериозно прекршени. Никој во Европската комисија не се потресе. Бугарија одбива реципроцитет за сè. Никому во ЕК не му пречи. Не е ни чудо што ЕУ го губи целиот кредибилитет во Македонија. Двојни стандарди, додава Ван ден Берг.
Тој потсетува дека слично е и со етничките Македонци и во Грција:
– Твитер е премногу ограничен за да се наведат сите прекршувања на човековите права на етничките Македонци во Бугарија (или етничките Македонци во Грција за таа работа), но чувството во Скопје е дека сето тоа е в ред ако сте во ЕУ. Сè помалку Македонци ќе сакаат да бидат во таква ЕУ, вели Ван ден Берг во последниот твит.