Претседателот на Австрија Александер ван дер Белен синоќа изјави дека со однесувањето на поедини членови на австриската влада е загубена довербата во институциите и извалкан е угледот на Австрија, поради што предвремени избори се неизбежни.
Ван дер Белен во, за него, многу остар говор пред новинарите, рече дека сликите кои од пред некој ден можат да се видат во Австрија ја покажале лошата страна на однесувањето која не соодветствува ниту со земјата, ниту со граѓаните.
– Тоа се срамни слики, а никој во Австрија не смее да се срами. Не сме такви, Австрија не е таква. Она што покажуваат тие слики е дрско непочитување на граѓаните. Функционери на Републиката ја злоупотребиле довербата на граѓаните, а тоа не го толерирам нагласи австрискиот претседател.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц претходно соопшти дека на претседателот на Австрија ќе му предложи да распише предвремени избори во најбрз рок.
Причина за ваквата одлука е оставката на вицепремиерот Хајнц Кристијан Штрахе, лидерот на Слободарската партија (ФПО), која ја поднесе по објавувањето на видео снимка на која се гледа како на наводна внука на руски милијардер и ветува државни зделки за финансиска поддршка на неговата партија.
Курц на прес-конференција рече дека имал повеќе можности, но одлучил да му предложи на претседателот да распише предвремени избори.
– Можев лесно да се одржам на власт со смена на луѓе во Владата и да се правам дека ништо не се случило или да извршам летечка промена воведувајќи ја Социјалдемократската партија (СПО) и повторно да добиеме ист застој во функционирањето на Владата, нешто што го критикував со години и што не и треба на нашата земја. За мене лично тоа не би бил исправен пат, затоа што влегов во политика не за да заземам некоја функција, туку да направам нешто за земјата и граѓаните, објасни Курц.