Вандализиран и онеспособен да функционира е паметниот споменик на виртуелен Прличев од страна на непознати лица вчера по нецели 48 часа од неговото поставување на плоштадот на уметноста Долна Порта, објави на својот профил на Фејсбук проф. д-р Анис Сефиданис.

– Вечерва на 11 август, по нецели 48 часа од промоцијата, паметниот споменик на виртуелен Прличев кој години го работев со мојот тим и поддршка на Општина Охрид беше вандализиран и онеспособен да функционира. Непознати лица го пресекле доводот до електрична енергија, го отстраниле македонското знаме и ги искорнале написите. Се обиделе да ги отворат и металните врати за да стигнат до главниот компјутер, но поради цврстиот материјал и безбедносните брави успеале само искривувања да нанесат на истите, наведува во објавата Сефиданис.

Тој додава дека случајот бил веднаш пријавен во МВР Охрид, нивна екипа направила увид и ќе ја проследи постапката до Јавното обвинителство.

– Споменикот е времено надвор од функција, но активно работиме заедно со Општина Охрид на негово рестартирање како и со безбедносните служби за негова заштита од социопатите со кои за жал нашите деца го делат плоштадот, додава Сефиданис.

Дигиталниот паметен споменик ги вкрстува вештачката интелигенција и виртуелната реалност во уникатно футуристичко искуство за граѓаните и посетителите на Охрид.

Воскреснувањето на Григор Прличев преку користење на најновите технологии овозможува да ги спознаеме културата и технологијата, минатото и иднината, во непосредна интеракција со дигиталната свест на Вториот Хомер.