Ракометарите на Еурофарм Пелистер вечерва го победија Вардар на гостински терен со 24:23 во големото дерби на македонскиот шампионат. Битолчани во најголемиот дел од натпреварот од 2. коло во Суперлигата имаа контрола врз резултатот и на крајот заслужено ги освоија бодовите.

Натпреварот во СЦ „Јане Сандански“ се одигра пред полни трибини со присуство на двете навивачките групи на двете екипи кои со исклучок на одредени инциденти создадоа вистинска дерби атмосфера.

По овој натпревар дојде до смена на лидерската позиција на табелата. Сега Пелистер води со 10 бодови пред Вардар кој падна на второто место со 8.

До крајот на Суперлигата двете екипи ќе одиграат уште по осум натпревари. Голема е веројатноста дуелот во Битола на 30 април да биде одлучувачки дали „црвено-црните“ ќе ја задржат титулата или битолчани по долги години ќе се вратат на тронот.

Денешното дерби донесе големи инциденти на самиот старт.

Битолските навивaчи во салата влегоа некаде околу 10-тата минута и веднаш дојдоа во судир со полицијата. Од трибината каде што беа сместени можеа да се забелажат разни предмети кои беа фрлани кон останатата публика во салата.

Инцидентот траеше неколку минути, а по смирувањето на ситуацијата полицијата дозволи и останатите навивачите на битолскиот клуб да влезат во салата.