Последните случувања создаваат нови политичка ситуација и го потврдуваат она што предизборно го кажувавме за Договорот од Преспа, но она што не се менува е нашата поддршка за европската перспектива на соседната земја, вели алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милтиадис Варвициотис, во интервјуто за весникот „Параполитика“ во однос развојот на настаните кај нас, jави дописничката на МИА од Атина.

Варвициотис уште еднаш повторува дека нивната поддршка оди заедно со предусловите како што се „владеењето на правото, усогласеност со воведените уставни измени, напуштање на сите елементи на иредентизам  и градење на добрососедски односи“.

-Овие предуслови, како и строгото придржување кон Договорот од Преспа, вклучително и трговски аспекти, се неразделно поврзани со напредокот на пристапот на земјата кон Европската унија, а ќе го одредат темпото и на нејзиниот иден пристапен процес. Во овој дух, Грција го поддржува договорот, бидејќи тоа е меѓународен договор што ги обврзува двете држави, но постојано и на соседната земја и во било која друга насока, укажуваме на доцнења или пропусти што се утврдуваат од нејзина страна во спроведувањето. Сигурно,  дијалогот во пресрет на изборите во април ќе биде поларизиран и ги очекуваме внатрешни случувања во соседната земја, вели Варвициотис

Во однос на европската перспектива на Македонија и Албанија, алтернативниот шеф на грчката дипломатија потенцира дека двете земји ја имаат поддршката од Грција, но нивното членство треба да биде во пакет.

– Сакаме на нашата северна граница да граничиме со земји од ЕУ. Сакаме Грција да има водечка улога во влезот на балканските земји во големото европско семејство. Сакаме нашиот регион да биде столб на стабилност и раст. И тоа ќе се постигне со истовремен почеток на пристапните преговори на двете земји на нашата северна граница. Одвојувањето на кандидатурите на двете земји може да доведе до зголемување на националистичкиот елемент во регионот и до можна тензија. Затоа, го поддржуваме нивниот истовремен европски тек, секогаш под услов тие да ги исполнуваат критериумите за да се отворат поглавјата. Покрај тоа, за шест месеци прашањето одново ќе биде разгледано на Самитот во Загреб, вели Варвициотис.