Американскиот дневен весник Вашингтон пост (The Washington Post) објавил статија во април 1908 година со прилози од дописници во Рим, Париз и Сент Луис, во која сведочи дека 10.000 Македонци во САД испратиле телеграма до претседателот Теди Рузвелт со молба да се заложи за автономијата на Македонија.
Телеграмата е испратена во време на Младотурската револуција – пет години по неуспехот на Илинденското востание – кога веќе се наѕира крајот на Отоманска Империја и владеењето на султанот, при што разни претежно Европски држави се бореле во дадената ситуација да обезбедат материјални, територијални и останати придобивки.
Македонците, предводени од Јане Сандански, се залагале за автономија на Македонија преку децентрализација на Отоманската држава, која би водела до независност и остварување на националното мото „Македонија на Македонците“. При тоа, Младотурците му ветиле на Сандански запазување на територијалното единство на Македонија.
Дел од планираните мерки било одделување на учишиштата од Егзархијата, воведување на македонскиот како наставен јазик и печатење македонска граматика. Врз основа на тие мерки и во услови на слободно делување и децентрализација, Македонците се стремеле да воспостават своја де факто независна држава.
Во написот, Вашингтон пост известува за барањето на Македонците во САД до Рузвелт во контекст на главното горливо прашање на Балканот – македонското.
Тоа е спомнато во врска со инцидент, за кој дописникот на весникот од Рим објаснува дека Италија се заканила дека ќе ја префрли својата воена флота до Отоманското крајбрежје доколку Султанот не прифати остварување на одредени барања.
Весникот потоа соопштува дека турските власти попуштиле пред барањата на Италија да им се овозможи на италијанските државјани да купуваат земја на територијата на Отоманската држава, да се отвараат италијански пошти во градовите и да се обезбеди италијанските бродови слободно да пловат.
Дописникот на весникот од Париз пак известува за ставот на дел од печатот во Франција, при што го цитира политичкото списание l’Eclair:
– „Bистинската смисла на инцидентот е дека на султанот му претстојат мрачни денови на сметка на македонското и на други горливи прашања.“
Во тој контекст, дописникот од Сент Луис во сојузната Американска држава Мисури известува за средбата на илјадници Македонци – некои пребегани во САД по Илинденското востание – со барање до претседателот Рузвелт за подршка на автономијата за Македонија.
„По масовниот состанок на Македонците одржан во близина на Гранит Сити, Илиноис, беше испратена телеграма во име на 10.000 Македонци до претседателот Рузвелт да се застапува за автономијата на Македонија и да му се благодари за гостопримството што им е укажано на Македонците“.
Теодор Теди Рузвелт е 26 претседател на САД во периодот од 1901 до 1909 година. Фокусот на неговата надворешна политика бил зголемување на влијанието и претижот на САД како светска поморска сила. Рузвелт извршил модернизација на војската и на морнрицата и ја започнал изградбата на Панамскиот канал.
Рузвелт е познат е како меѓународен посредник во кризни ситуации кој во 1906 година помогнал да се реши тн. прва Мароканска криза. Истата година добил Нобелова награда за мир заради своите напори да се заврши војната меѓу Русија и Јапонија. Не без основа, Македонците во САД виделе можност Рузвелт да се придобие во рашавање на македонското прашање.
(ИЗВОР: The Washington Post, Tuesday, April 21, 1908.)