САД воведоа санкции за пет високи претставници на Венецуела со цел да извршат притисок Каракас поради претседателските избори што Вашингтон ги смета за незаконски, соопштија од американското Министерство за финансии.
Во соопштението се наведува дека новите санкции се насочени кон луѓе блиски до претседателот на Венецуела Николас Мадуро, вклучувајќи го и шефот на разузнавачката служба (Себин) Мануел Рикардо Кристофер Фигеро, како и првиот комесар на службата, Илдемар Хозе Родригез Мукур.
Вашингтон воведе санкции и за министерот за нафта Мануел Салвадор Кеведа Фернандез, командантот на претседателската гарда Иван Рафаел Ернандес Дали и за уште еден разузнавачки службеник Рафаел Енрике Бастард Мендоза.
-Ние воведуваме санкции против службениците задолжени за безбедноста и разузнавањето на Мадуро, поради системско кршење на човековите права, сузбивање на демократијата, тортура и други употреби на брутална сила, нагласи министерот за финансии на САД, Стивен Мнучин.