Поранешниот заменик директор на Федералното биро за истраги (ФБИ), Ендрју Мекејб во интервју за „Си-Би-Ес“ изјави дека американското Министерство за правда разгледувало опција за можно разрешување на претседателот на САД, Доналд Трамп повикувајќи се на 25-от амандман од Уставот на САД.

Според него, ова прашање се разгледувало на некои средби во Министерстото за правда по отпуштањето на шефот на ФБИ, Џејмс Коми во мај 2017 година. ФБИ е во надлежност на ова Министерство.

-Имаше средби на кои се дискутираше за можноста потпретседателот и мнозинство од (членовите) министерскиот кабинет да се обединат за да го разрешат претседателот на САД согласно 25-от амандман, изјави Мекејб.

Во 25-от амандман се наведува дека во случај на разрешување или смрт на претседателот на САД, неговото место го зазема потпретседателот.

Трамп во соопштение на Твитер одговори дека ова било „обид за незаконско преземање на власта и напад врз Уставот“.

Интегралното интервју со Мекејб „Си-Би-Ес“ ќе го емитува в недела.