Грција денеска официјално излегува од последниот од трите пакети помош, пишува загрепски „Вечерљи лист“.

Години на големи резови. Тоа за нас беше „бејлаут”, вели загрепчанецот Никица Јефтиќ, кој со децении живее во Атина, и тоа на денот кога Грција официјално излегува од последниот од трите пакети за помош, кои ја спасија земјата од колапс на економијата, но, исто така, и обезбедија финансиска помош преку спроведување на реформите, политика на штедење и намалувања.

Егзодус на луѓе

Години на мерки за штедење – а тие не престануваат, постојано нешто уште малку се намалува – го оставија грчкото општество исцрпено и  распаднато социјално и економски.

– Луѓето масовно се иселуваат. Последиците од егзодусот и тоа како се видливи. На пример, недостасуваат лекари и медицински персонал. Недостатокот на млади создава опасна ситуација за општеството да остане без сила, дури и биолошка, за да го повлече напред, вели Јефтиќ.

Иако кафулињата во Атина се полни, тој напоменува дека тоа не е одраз на фактичката ситуација во паричниците.

– Даноците и бирократијата воопшто не се подобрија. Знам многу луѓе меѓу 40 и 50 години кои живеат со своите родители. Тие работат, но платата им е како џепарлак. И натаму не оптоваруваат со данок на имот, кој требаше да биде привремен. Моето семејство годишно плаќа 1.400 евра. Политичарите се фалат дека туризмот ни е добар. Да, точно е дека оваа година имаме зголемување на бројот на пристигнувања, но приходите се помали. Туристите не трошат. Она што некогаш беше полн багаж со храна, сега се пакет- аранжмани од 200 евра.

Само паушално се додаваат и воведуваат нови давачки. Кога на тоа ќе се додаде и бирократијата, речиси е невозможно да се отвори и да се води приватен бизнис, вели Јефитиќ.

Не е ни чудно што повеќе од 160.000 грчки компании се преселија во Бугарија, каде што давачките се помалку.

– Економистите имаат индикатори дека ни оди подобро. Но, никогаш не ми било јасно едно, тие велат дека сега ние повторно можеме да продолжиме да се задолжуваме. Зар тоа не е апсурдно?, прашува Јефтиќ. Со повеќе од 260 милијарди евра, кои другите земји-членки на еврозоната и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ги позајмија на Грција во изминативе осум години, спасувањето на Грција е најголем „бејлаут“ во историјата.

– Без европска финансиска помош, грчката економија ќе пропадне и можеби нема да закрепне со децении. Цената и последиците од таков колапс врз другите земји и врз ЕУ би биле далеку поголеми од милијардите евра, кои се позајмени. Сите економии во ЕУ би биле повлечени, барем делумно, во грчкиот амбис. Од тоа искуство, излегуваме  колективно посилни, порача европскиот комесар за економски и финансиски прашања Пјер Московичи.

Економски раст

Сите сега се надеваат дека реформите ќе продолжат по излегувањето  од пакетот помош и дека Грција ќе се врати на меѓународните пазари на капитал како веродостојна земја од еврозоната, која може да се задолжува и да ги рефинансира долговите, без опасност да се врати во пакетот помош. Ниту една европска држава не сторила повеќе за модернизација на јавната администрација и економијата, порача Московичи.

Реалноста на теренот и понатаму е тешка, реалниот живот за многу грчки граѓани и фирми не изгледа толку сјајно, како што звучи веста за излез од „бејлаут“, но, Грција се врати на економскиот раст и некогашни огромниот буџетски дефицит,  претворен е во солиден буџетски суфицит, порача Московичи , но додаде дека има многу работи, кои треба да се направат за Грција да застане на нозе.