Навивачката група Комити вечерва организира протестен марш во Скопје во чест на нивниот член Никола Саздовски – Саздо, кој минатата недела почина по брутално претепување на неколку лица, од кои на едно МВР се уште не му го соопштува идентитетот, а под притисок на јавноста двајца беа приведени.
Протестниот марш почнува на плоштадот во Автокоманда во 19.30 часот, а Комити упатија повик за нивна поддршка.
– Ве повикуваме сите Комити, сите добри луѓе, секој што се чувствува како Македонец, од секој дел на Македонија да дојде заедно со својата фамилија, со пријателите и во еден мирен и достоинствен марш да го дигнеме гласот против неправдата. Да им докажеме на „европејците“ дека ние сме различни и сме поцивилизирани од „другите“.
Протестниот марш ќе се движи до Основното јавно обвинителство, каде што ќе се прочита известување до јавноста за неправдата, а маршот ќе заврши пред МВР, каде што симболично ќе запалиме свеќи во чест на нашиот брат. Уште еднаш ве замолуваме на најдостоинствен и мирен начин да го изразиме нашето незадоволство за селективната правда и да се избориме за најстрога казна на сторителите на ова грозоморно дело, се вели во соопштението што преку „Фејсбук“ го упатија Комити.