Со концертот „Скопје во три бои“ вечер од 20.30 часот во Сули ан ќе биде отоврен 41-от фестивал „Скопско лето“, кој традиционално почнува на 21 јуни.
Поради пандемијата, Дирекцијата за култура и уметност на Скопје (ДКУС) ќе ја организира летната манифестација на главниот град согласно со протоколите за организација на јавни настани донесени од Владата.
Бројот на публиката ќе биде ограничен и задолжително ќе биде почитувањето на препорачаните мерки: носење заштитни маски, мерење телесна температура, одржување на пропишаната физичка дистанца меѓу посетителите во гледалиштето и дезинфекција, а влезот на публиката во ќе почне половина час пред настанот.
-Согласно протоколите и заради регулирање и контрола на бројот на публика ќе се продаваат влезници по симболична фестивалска цена од 100 денари. Влезниците за настаните ќе се продаваат онлајн преку: kupipartizase.com или во салонот на „Југотон“ во Градскиот трговски центар, соопшти ДКУС.
На вечерашниот концерт „Скопје во три бои“ во Сули ан ќе настапат: Душко Георгиевски – вокален изведувач и флејта, Ратко Даутовски – ударни инструменти, Емил Адамски – кавал и акустичен бас, Бајса Арифовска – пијано, тамбура, виолина, кларинет и Благоја Алачки – гитара.
Организаторот соопшти дека музичката програма ги сплотува македонската, ромската и турската популација во нашето поднебје како убав спој на три музички култури во едно и дека ќе ги разбие стереотипите за поделеност.
-Кога се мисли на мултиетничката заедница, во прв план се мисли на начинот на кој говорат тие, што носат во себе секој од својата прататковина, како културно и духовно наследство, начин на кој живеат и како придонесуваат во градот или општеството во кое егзистираат. Народниот уметник Македонец ја пее песната на неговиот пријател Ром. Ромот, пак, соживеан со Македонецот го игра неговото право оро, пее и говори на македонски. Турскиот музички мелос, пак, го има и се слуша со вистинско уживање. Така се создаваат овие три бои, со кои се обојува оваа убава слика на еден соживот, културна размена и социјализација, како вредности кои треба да се негуваат, наведуваат од ДКУС.
Утревечер (7 јули) од 20.30 во Сули ан јубилеен концерт ќе има Пламенка Трајковска квинтет. На 8 јули од 20.30 часот концерт ќе одржи триото Ад Либитум“ во Музејот на македонската борба; на 9 јули онлајн ќе биде промовирана книгата „…Kao ti i ja…/…Како ти и јас…/… Like You And Me…“ – љубовно-патописна поема инспирирана од младоста на Никола Тесла на авторот Тони Манџуковски-Манџук. Промоцијата ќе се одржи со видеопроекција во „Тесла-бар“ од 20.20 часот. В петок (10 јули) од 21 часот во Сули ан на програмата на 41. „Скопско лето“ е монодрамата „Дневникот на лудиот“ од Гогољ во изведба на Бобан Алексоски и во продукција на Театар „Златен Елец“.