Во својата рана фаза, во Севиља, Веласкес сакал да слика т.н. bodegones.
Шпанскиот збор bodegones означува крчми или кујни, но исто така и жанр-сцени збогатени со мртва природа, што било сликано во Шпанија, посебно во севиљското сликарство, по углед на слични дела на Питер Ерстен и Јоахим Бекелер, при што фигуралниот елемент постепено и отстапувал место на мртвата природа.
Веласкес, кој подоцна кога станал дворски сликар, ја зачувал својата вистинољубивост, ги портретирал обичните луѓе, што би се рекло ad vivum.
Андалузискиот селанец кому млада жена му става вино во чашата го препознаваме и на сличната слика „Ручек“ од Санктпетербуршкиот Ермитаж и како стар крал на „Поколнувањето на мудреците“ од Прадо. Целосна реалност на моделот ја зачувал и младиот човек од десната страна, кого го гледаме во полн профил, со лактовите на масата, како со подигната десница ги нагласува своите зборови.
Палетата на Веласкес во Севиља се уште е скромна. Покрај белата (капата на жената, чаршавот, чинијата и околувратникот на момчето), синосивата облека на старецот, скромно застапената жолта (лебот, стомната, виното во чашите) и црвенкастата боја, целосно преовладуваат сиви и црни тонови кои доминираат и на други слики од тоа време.
Диего Родригес де Силва и Веласкес
Севиља, 1599 -Мадрид 1660
Бил ученик на Франциско Ерере постариот и на својот подоцнежен таст Франциско Пачека. Од 1617 е самостоен мајстор, од 1623 дворски сликар во Мадрид, во меѓувреме два пати престојувал во Италија (1629-1631 и 1649-1651)
На маса или Селски ручек (околу 1619-1620)
Масло на платно 96х112 см