На велешко езеро „Младост“ денеска ќе се одржи осмиот по ред „Велешки пливачки маратон 2021“. Стартот е во 10 часот пред ресторанот „Бела Вода“, а годинава ќе има четири пливачки трки во машка и женска конкуренција.
Првата е пливачката трка до 2500 метри е за рекреативци, а потоа промотивната трка на 800 метри е за деца до 11 години членови на пливачките клубови од земјава, а третата и на 2500 метри за членовите на пливачките клубови до 14 години.
Професионалниот пливачкиот маратонот стартува последен, а годинава е на пет километри. Годинава заради безбедноста на пливачите патеката е преполовена со тоа што ќе се плива истата километража но со двојно повеќе кругови, а гледачите ќе имаат цело време можност да ја следат трката, информираат од организацискиот одбор. Безбедноста на пливачите ќе ја обезбедуваат 20 кајакари и 20 спасувачи на вода.
На маратонот ќе присуствува и Томи Стефановски, најдобриот маратонски пливач, а во официјалната маратонска трка ќе учествуваат и македонските врвни пливачи Александар Илиевски и Евгениј Поп Ацев.
Сите учесници и публиката ќе мора да приложат сертификат за примена вакцина против Ковид-19 или негативен тест.
Годинава Велешкиот пливачки маратон не е дел од македонскиот куп во далечинско пливање.
Наградата за освоено прво место во сите категории е 3000 денари, а ја обезбеди Вулканизер-отпад Дине, кој секоја година е поддржувач на пливачкиот маратон.
„Велешкиот пливачки маратон 2021“ го организира Здружението за спорт и рекреација „Клуб 28“ заедно со Кајак клубот „Бабуна“ и останатите кајак клубови од градот и Општинскиот Црвен крст Велес, а под покровителство на Општина Велес.