Во велешкиот театар на големата сцена „Петре Прличко“ денеска со почеток од 20 часот во рамките на свеченото затворање на „Рациновите средби“, Народниот Театар „Јордан Х.К.-Џинот“ премиерно ќе ја изведе претставата „Петтото годишно време“ по текст на Сашо Димоски, во режија на Васил Зафирчев, а во изведба на балерината Олга Панго.

Како што информираат од велешкиот театар, „Петтото годишно време“ е магистерска претстава по театарска режија на Васил Зафирчев, под менторство на проф. Дејан Пројковски на Факултетот за театарски уметности на Универзитетот „Еуропа прима“ во Скопје. Станува збор за танцтеатарски моноперформанс кој ги истражува и имплементира авторските и уметничките постапки од постдрамскиот театар и танцтеатарот.

Сценографијата, видеото, илустрациите и рекламниот материјал за претставата се на Филип Коруновски. Костимографијата е на Раде Василев, а автор на аудиодизајнот и музиката е Сашко Костов.

„Петтото годишно време“ е претставата за една балерина на 73 години, сместена во старечки дом, која иако боледува од Алцхајмерова болест, грчевито се бори да ги евоцира и оживее најзначајните моменти, настани и случки од нејзиниот минат живот, со цел да стигне до нејзиниот вечен сценски момент, кој практично ќе значи и нејзина конечна физичка смрт.

Првата реприза на претставата е на 16-ти јуни, а на 24-ти јуни претставата ќе биде изведена и во рамките на Фестивалот на монодрама во Битола.