Поранешниот претседател на Кривичен суд Скопје, Владимир Панечвски, обвинет за злоупотреба на системот АКМИС, вечерва од страна на Велешкиот суд беше прогласен за виновен и осуден на три години и шест месеци затвор. Судијката Валентина Георгиевска, пресудата ја донесе вечерва по завршување на рочиштето кое траше повеќе од десет часа. На обвинетиот Панчевски, во казната ќе му се пресметува и времето поминато во притвор.
Воедно соопшти дека притворот на Панчевски му се укинува со донесување на оваа пресуда.
Обвинетиот Владимир Панчевски во завршниот збор кажа дека јавниот обвинител не бил запознат со целата материја со која го води предметот, бидејќи имало грешка на АКМИС, а јавниот обвинител не го видел тоа. Воедно тој во својот завршен збор истакна дека ова обвинение е политички опструирано и лицемерно, бидејќи се поведува една година по завршување на неговиот мандат во Основниот суд Скопје 1, односно тие го обвинувале дека само тој повредувал права, а не и судиите кои суделе.
Обвинетиот Панчевски, според обвинението поднесено од ОЈО Скопје, се товареше дека во периодот од 23 јануари 2013 година до 14 септември 2016 година, со негов параф и усно давал наредби на службеници што имале пристап во АКМИС-от рачно да се распределуваат конкретни предмети меѓу судиите надвор од времето на приемот на предметот во судот и кажувал на кој судија да се распредели предметот, со што целосно се изигрувал системот кој требало автоматски да ги распределува предметите.