На денешната прес конференција, Христијан Мицкоски изјави дека очекува во следните денови ВМРО-ДПМНЕ да се обиде да обезбеди парламентарно мнизниство кое во иднина ќе поддржи, како што рече, една „вистинска реформска влада која на брза лента ќе ја однесе Македонија пред рамноправно членство во ЕУ“.

Тој уште еднаш обвини дека последните избори се најнедемократски и корумпирани што се одржале во земјава.

Одговарајќи на новинарски прашања кажа дека за него политиката не е пазар и тоа е погрешното што се случувало во минатиот парламентарен состав, туку е филозофија, а за некој пратеник да поддржи одредена политичка опција, треба да има определна точка која ќе го поврзе со програмата што ја нуди таа политичка опција.

„Врз основа на разговорите и на луѓето во кои бескрајно верувам и се дел од пратеничката група ‘За обнова на Македонија‘, не сметам дека постои некој што ќе ја поддржи програмата на Заев, која би била програма за работа на идна влада предводена од СДСМ“, рече Мицкоски.

Искуствата од претходниот парламентарен состав, како што оцени, не може да бидат применети од овој состав.

„Да оставиме времето да покаже кој ќе го формира парламентарното мнозинство. Да, на оние пратеници на кои им се пристапени мистериозни личности кои се повикуваат на раководството на СДСМ, пријдоа, кажаа и со згрозување ги одбија. И јас со згрозување одбивам да коментирам ваков вид пазар зашто на тој начин само ги демотивираме и деморализираме нашите сограѓани за следните избори кои на една година од сега ќе бидат локални. Верувам во политичка мудрост, политичка програма и политичка филозифија, а не на пазар како што се случуваше во претходниот парламентарен состав“, нагласи Мицкоски.

Пред десетина дена и Димитар Апасиев истакна дека СДСМ се обидува да купи пет пратеници.

Освен тоа, Мицкоски денеска додаде дека со Заев единствено се согласува дека е потребно формирање стабилна, реформски ориентирана влада, без коруптивни афери, во која ќе партиципираат луѓе необременти со коруптивни афери и криминал, која ќе ги спроведе реформите и на која притоа приоритет ќе и бидат судтсвото, здравството и образованието.

На прашањето за ДПА, Мицкоски одговори дека Мендух Тачи своеволно ќе одлучи која програма ќе ја поддржи.

„На состаноците што претстојат очекувам Тачи да донесе вистинска одлука, дали ќе остане во опозиција“, рече Мицкоски.