Со оглед на тоа што јајцето игра задолжителна улога за Велигден, обично пред големиот празник неговата цена се зголемува. Кај нас, на ова поле ситуацијата се уште е мирна (цената на едно јајце со средна големина во маркетите во Скопје каде обично цените се повисоки изнесува 8 денари), но во Бугарија како да владее „треска“, па цената на едно јајце веќе достиогна 38 стотинки или некаде околу 11 денари.
Истражувањето на бугарското Министерство за земјоделие покажало дека средната цена на едно јајце во државата е 27 стотинки или 8 денари. Но, средната цена е на таа висина затоа што во крајно сиромашните делови на Бугарија и по некои села цената е 17 стотинки или околу 5 денари, додека во други места цената достигнува 38 стотинки или 11 денари. Со тоа што ценовниот шок, како за јајцата така иа за другите традиционални продукти за Велигден допрва се очекува.
Истражувањето покажало и дека минатата година, за Велигден, за празничното мени за едно четиричлено семејство во Бугарија, кое содржи јагнешко, леб, салата млечни продукти, пиво и ракија, биле потребни 90 до 100 лева или околу 45 до 50 евра.
Бугарите ги тревожи и поскапувањето на киселото млеко чија просечна цена е 90 стотинки или 27 денари (3-5 отсто поскапување), како и на кашкавалот чија просечна цена е 7,5 евра. Проблемот е што ова се случува во време на пости, па цената на овие производи би требало да биде стабилна.