Британскиот парламент денеска треба да се изјасни за предлогот на премиерот Борис Џонсон за распишување вонредни избори.
Пред гласањето, според анкетата на „Опиниум“, Конзервативната партија на Џонсон има предност од 16 бода пред опозициската Лабуристичка партија.
Од претходната анкета спроведена пред осум дена поддршката за ториевците се зголеми за три бода, на 40 проценти, додека лабуристите останаа на 24 проценти.
Проевропската Либерално-демократска партија падна за еден процент на 15 проценти, додека партијата Брегзит на Најџел Фараж на 10 проценти.
Џонсон, кого членовите на партијата го избраа во јули за да го деблокира ќор-сокакот околу Брегзит, предложи одржување на избори на 12 декември, откако Парламентот не го поддржа договорот за Брегзит кој го постигна со Брисел.
Пратениците денеска ќе гласаат за тоа дали ќе има предвремени избори, но повеќето опозициски партии посочија дека ќе се воздржат или гласаат против овој потег, што значи дека Џонсон веројатно нема да добие поддршка од две третини од пратениците кои му се потребни.
Редовните избори во Британија се во 2022 година.