Извештај на британски парламентарци оценува дека во Фејсбук се „дигитални гангстери”, кои свесно ги кршат законите за приватност и конкуренција и се поставуваат над законот.
Во денеска објавениот извештај се повикува на јакнење на мерките за надзор на социјалните мрежи, посебно на Фајсбук, со цел да се спречи објавување погрешни информации. „Неопходна е драстична промена во рамнотежата на силите меѓу тие сајтови и јавноста. Треба да се стави крај на ерата на несоодветната примена на саморегулација, се наведува во извештајот на британските пратеници.
Претседателот на Комисијата за дигитализација, култура, медиуми и спорт Дејмијан Колинс изјави дека граѓаните би требало да имаат право да бараат технолошките компании да ги почитуваат мерките кои би ги вовело некое независно тело.
Фејсбук со месеци е цел на таа парламентарна комисија, во рамки на истрагата за феноменот „лажни вести“ и влијанието на таквите информации на веќе одржаните избори во Велика Британија, меѓу кои и референдумот за Брегзит во 2016 година.
Колинс истакна дека компаниите како Фејсбук не смеат да се однесуваат како „дигитални гангстери“ во „онлајн светот“. – Фејсбук намерно се обидува да ја спречи нашата работа со давање на нецелосни, неточни и понекогаш погрешни одговори на нашите прашањ, истакна Колинс.
„Компаниите од сферата на социјалните медиуми не можат да се кријат зад тврдењето дека се `само платформа `и дека немаат одговорност да ја регулираат содржината на нивните сајтови“, се наведува во извештајот.
Коосновачот и прв човек на Фејсбук Марк Закерберг, ги отфрли трите барања да се појави пред Комисијата.
Комисијата повика на задолжителен етички кодекс за сите технолошки компании кои ќе бидат следени од независен регулатор.
Според заклучоците, Фејсбук треба да биде обврзан да ги отстрани „изворите на штетна содржина” и дезинформации. „Исто така, препорачуваме Владата да иницира независна истрага за претходните избори – вклучувајќи ги и британските избори за 2017 година, референдумот за Велика Британија во 2016 година и шкотскиот референдум за 2014 година – да се испита што се случило во однос на странското влијание“, се вели во извештајот.
Британските медиуми го цитираа одговорот на Фејсбук, велејќи дека ја споделува загриженоста на Комисијата во однос на лажните вести и чесни избори.
„Ние сме отворени за значајни регулативи и ги поддржуваме препораките на Комисијата за реформирање на изборното законодавство”, велат од компанијата. Сепак тие оценуваат дека „ниту еден друг политички канал за рекламирање не е толку транспарентен и не ги нуди инструментите“, како што тоа го прави Фејсбук.
Во текот на изминатите две години, најголемата платформа за социјални медиуми во светот е предмет на зголемен притисок кога е во прашање обработката на податоците за корисниците, како и поради наводните обиди на Русија да влијае на изборите во САД и во разни европски земји.