Александар Велјановски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска дебата за разрешување на замениците министри посочи дека Димитар Ковачевски е тој што треба да замине од функцијата премиер. Пратеникот наведе повеќе причини за тоа.

„Прво, Ковачевски е највиновен за состојбите во државата, второ, требаше да поднесе оставка кога протекоа документи за дезертерство од војска, трето, како може човек кој не ги штити интересите на државата да биде премиер, четврто, Ковачевски требаше да поднесе оставка и по скандалот со Пиксел груп. Премиерот ако бевме нормална држава, ќе поднесеше оставка и поради односот кон медиумите, потоа покажа примитивизам како односот кон пратеничката Бети Стаменковска Трајковска“, рече Велјановски.
Според пратеникот неспособноста на премиерот прави голема штета.

„Неговата неспособност прави огромна штета на државата. Според Фајнанс тинк во 2020 година има дополнителни 13 илјади лица втурнати во сиромаштија, а од нив пет илјади се деца. Ковачевски е одговорен и за ова“, вели Велјановски.

Ковачевски треба да чувствува одговорност и да замине од функцијата и поради анкетите кои велат дека 9 од 10 граѓани велат државава во погрешна насока.

„ И на сето ова видовме и како Ковачевски троши 26 илјади евра за спонзорирани постови. Или цела продукциска машинерија работат во две смени за да ни го продадат премиерот како успешен, толку ли треба да се користат во оваа сиромаштија“, рече Велјановски.