СДСМ е фатен на дело како се обидува набрзина, преку предлог законот за употреба на македонскиот јазик, да подметне законско решение со кое македонскиот јазик ќе биде означен за втор јазик во Република Македонија. СДСМ дополнително го понижува македонскиот јазик нарекувајќи го странски јазик во Македонија, истакна на денешната прес-конференција Роберт Вељановски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Молкот на Заев, Спасовски и нивните послушници за скандалозното законско решение нема да го сокрие срамот на СДСМ од овој голем скандал. Имено, молкот од само потврдува дека тие се согласуваат со скандалозната формулацијата во член 4, алинеа 11 од предложениот Закон за употреба на македонскиот јазик во која СДСМ за македонскиот јазик вели дека е „странски / втор јазик во и надвор од Република Македонија“. Но, според Уставот и законите, македонскиот јазик никогаш не може да биде ниту странски ниту втор јазик во Република Македонија. Согласно Уставот, ДРУГ јазик може да се употребува ПОКРАЈ Македонскиот на сите јавни настани, а не македонскиот да биде придружен јазик на некој друг јазик. СДСМ мора итно да прифати дека македонскиот јазик не е ниту втор јазик ниту странски јазик во Република Македонија, рече Роберт Вељановски.
Заев, Спасовски и СДСМ заговараат неуставно и навредливо законско решение кое во членот 7 повторно го понижува македонскиот јазик. Во него се вели дека „на јавните настани финансирани од буџетот, задолжително се употребува и македонскиот јазик, додава тој.
-Иако во оценката на состојбите што треба да се уредат со овој закон звучно се декларира дека со овој закон се зацврстува посебната заштита на јазикот како нематеријално културно наследство, одредбите на овој закон се далеку од третирање на македонскиот јазик како непроценливо културно богатство и наследство од духовен карактер, изјави Вељановски.
-Затоа, бараме итно Заев, Спасовски и СДСМ да не ја ставаат политиката над науката и да ги слушнат жестоките реакции и критики на 90% од стручната јавност за ова несреќно законско решение. Со оглед на извонредното значење на овој закон за широката јавност, овој закон не смее да се носи на шверцерски начин и со импровизации, туку во редовна постапка, со прифаќање на сите забелешки на експертската јавност и задолжително во редовна процедура, односно низ три читања, рече Вељановски.
-СДСМ мора да прекине да ја злоупотребува техничката влада за срамно политиканство кое прави штета на македонските националните интереси. ВМРО-ДПМНЕ е подготвено и ќе се спротивстави со сите законски и демократски средства на ваквиот штетен и омаловажувачки однос кон македонскиот јазик од страна на СДСМ и ќе работи на итно и темелно подобрување на предложениот закон, додава Вељановски.
Обновата доаѓа, промените доаѓаат, а со нив и одговорноста за сите кои го прекршиле законот и нанеле штета на националните интереси, порача Роберт Вељановски од ВМРО-ДПМНЕ.