Судиите збунети, од рано утринава гласаа за избор за член во Судскиот совет, за едно место од заедниците, за кое беа пријавени двајца кандидати, скопскиот судија Артан Лимани од Граѓанскиот суд и гостиварскиот судија Ханиф Зендели. Дел од судиите утринава дознале дека Лимани ја повлекол кандидатурата, пишува Сведок. Според информациите Лимани ги повлекол документите во понеделникот попладне, но за тоа знаеле само во Судски совет, но не и судиите, а уште помалку изборната комисија која не реагирала.

Уште рано изутрина, до речиси 9.30 часот, во скопскиот суд од каде потекнува Артан Лимани гласале 35 проценти од запишани 64 судии на избирачкиот список. Судиите кои гласале, не биле информирани дека Лимани се повлекол, а немало никакво известување ниту на избирачката комисија.

За тоа дека Лимани се повлекол и претседaтелот на скопска двојка добил неофицијална информација утрово, но не и писмена потврда од било кого.

Претседaтелот на Судскиот совет Киро Здравев, изјави дека знае за повлекување на документите, но според него, тоа не е возможно во оваа фаза на постапката.

Под претпоставка Артан Лимани да победи, иако се повлекол, бидејќи судиите гласаа за него, Здравев вели дека тие ќе го сметаат за член на Судски. После тоа тој може да даде оставка, а целата постапка да се повтори.

Но, според Киро Здравев тоа значи дека во межувреме тие ќе останат без еден член, затоа што на сегашниот Шемседин Јусуфи на крајот на неделава му истекува мандатот.

Судијата Артан Лимани повлекувањето го правда од лични причини, сепак, неговите колеги не веруваат во тоа и тврдат дека станува збор за притисок од ДУИ, да се избере гостиварскиот судија, а со тоа ДУИ би имала целосна контрола врз членовите Албанци во Советот

Доколку биде избран Ханиф Зендели пак, тоа ќе значи клуч за кривичното одделение на гостиварска апелација, бидејќи и тој и Зоран Теофиловски доаѓаат како членови од кривичниот оддел, па сега ќе нема кој да суди.