Злосторството над животни во земјава премина во секојдневие, па така на социјалните мрежи може да забележиме голем број на убиени, отруени, малтретирани бездомни кучиња и мачки.
Изминатиот период сме сведоци на измасакрирани животни – убиство со секира, прободено куче во врат, петарда во уста, отсечени екстремитети и уште многу вакви примери. Здруженијата и активистите за заштита на животни постојано апелираат да се запре со овие појави. Според нив неопходно е полицијата да почне да постапува според своите надлежности и да го спроведува Законот за заштита и благосостојба на животните и тие тука го гледаат коренот на проблемот.
Смртта од труење е една мачна, бавна, тоа значи распаѓање буквално на сите органи внатре во животното, умирање во најтешки маки, а според активистиката за заштита на животни Драгана Велковска, едно цивилизирано општество не смее да си дозволи таков третман на кое било живо суштество. Проблем е што и отровот, кој се става за да се усмрти животно е ризик од смрт и за мали деца кои си играат во парковите, градинките каде тие отрови се расфрлаат.
Од друга страна, Велковска посочува дека продажбата на отрови воопшто не е контролирана, иако, како што вели, надлежните институции за контролирање на оваа сфера се Државниот инспекторат за земјоделство и Министерството за внатрешни работи. Од МВР, пак, не добивме одговор дали ја контролираат продражбата на отрови.
– Повторно на терен ја гледаме нивната дисфункционалност, нивната непосветеност на спроведување на законите и нивните надлежности. Агенцијата за храна и ветеринарство исто така ја сметаме повикана во овој случај иако директна надлежност нема, бидејќи таа е надлежна за спроведување на Законот и следствено има службена должност сите пријави од активисти кои ги добива и од совесни граѓани за труење, да ги проследува до надлежните институции и да инсистира по службена должност по официјални канали од нив да постапат и тоа да има конечна разрешница, сите тие постапки и конечно да видиме дека луѓето во оваа земја се еднакви пред законот и дека правдата е слепа. Додека не се случи тоа, ние секојдневно ќе се соочуваме со примитивни повици за труење, потенцира Велковска во разговор за МИА.
Според неа, неопходно е да се воведе принцип во полициската практика што веќе постои во светот. ФБИ уште во 2014 година го класифицираше злосторството над животните како злосторство против општеството и го смести на исто ниво со убиство, подметнување пожар, трговија со дрога и физички напад, бидејќи од долгогодишно следење на профилите на престапниците дошле до непобитни докази дека насилството врз животните речиси неминовно преоѓа во или се случува истовремено со насилство врз луѓе.
– Сведоци сме на исклучително низок професионален стандард, односно отсуство на стандард во работењето на полицијата. Ниту постапуваат за животни ниту постапуваат за луѓе. Самите избираат за кои случаи ќе постапуваат, за кои не, дури и го бирократизираат до апсурд процесот на пријавување, а има и случаи при кои отворено блокираат поднесување кривични пријави за мачење и убиство на животни од страна на активисти и совесни граѓани, вели Велковска.
Волонтери од Здружението во кое таа е активист – Е.Д.Е.Н. кои се жители на Ново Лисиче цела седмица се обидувале да поднесат кривична пријава во полициската станица во населбата каде што било сторено делото за искасапен, измасакриран мачор со отсечени екстремитети, уши, јазик, чијшто леш бил фрлен крај детско игралиште.
– На крај требаше да се заканиме со внатрешна контрола за воопшто да ја прифатат пријавата, која немаше никаков исход – истрагата остана во тек, а сторителот не го најдоа, иако тој сторител е закана за безбедноста на луѓето, а особено на децата, нагласува Велковска.
Самите закани и повици за насилство врз животни не претставуваат кривично дело, но со јавните закани престапниците поттикнуваат и други да го сторат кривичното дело кое тие го заговараат, а доколку се реализираат нивните закани, тоа е кривично дело според членовите 232, 233 и 288 од Кривичниот законик. МВР повторно е должна да постапи по таквите случаи.
Велковска смета дека првиот чекор во функционирањето на една институција мора да биде превенција на таквите девијантни појави.
– МВР тоа не го прави, дури не ни опоменува за такви ситуации и сведоци сме како тоа непрофесионално однесување доведува понатаму до секаков разузднан криминал во македонското општество. Повторно, и за овој тип на санкционирање да се реализира, неопходно е професионално и објективно постапување од страна на полицијата, додава таа.
Прекршување на Законот за заштита и благосостојба на животните, информира Велковска, повлекува парични казни за сторителите, но не и затворски, какви што сметаат дека се неопходни за да се редуцираат изживувањето и убиствата на животните, а за што има соодветни одредби во Кривичниот законик. На Законот, според неа, му е неопходно суштинско и квалитативно унапредување.
– За таа цел, здружението Анима мунди заедно со уште 16 други здруженија за заштита на животни, поднесе иницијатива за измена и дополнување на Законот. Измените претставуваат една правна целина, меѓусебно се поврзани и како такви нудат сеопфатна заштита на животните, секако доколку одредбите доследно се применуваат во практика од страна на надлежните институции, потенцира Велковска.
Главни аспекти кои задолжително бараат да се уредат е експлицитна забрана за еутаназија на бездомни животни, дефинирање на дополнителни забранети постапки со цел да се унапреди заштитата и благосостојбата на животните. Тие бараат законско овластување на здруженијата за заштита на животни за спроведување одредени одредби на законот, вршење надзор, проверка на одговорното сопствеништво, т.е. измени од кои би произлегла можноста за наменски овластена служба за заштита на животните формирана од претставници на здруженијата за заштита на животни.
Бараат воведување нови законски одредби кои би овозможиле примената на законот да биде пофлексибилен, општините во недостиг на финансиски средства или инфраструктура или по проценка на ефект да можат да спроведуваат програма за намалување на бројката бездомни животни во соработка со здруженија, ветеринарни станици, граѓаните.
– Ова го сметаме за исклучително важно, бидејќи досега Законот оневозможува сè друго освен дејствување во рамки на стационари што е скапо, непотребно, неодржливо. Со Законот да се дозволи соработка со меѓународни организации и нивно директно (волонтерско) ангажирање во земјава со цел намалување на бројката бездомни животни, посочува Велковска.
Во однос на програмата на јавното претпријатие „Лајка“, околу која се водеа дебати во Град Скопје, Велковска информира дека под притисок на активистите за заштита на животни првичниот, како што го нарекува „геноциден“ текст, на програмата на претпријатието речиси целосно се сменил, особено во однос на исклучително спорните сегменти како задолжителна еутаназија после резултати од брз тест.
Од Министерството за внатрешни работи конкретно не одговорија на нашето прашање кога ќе почне полицијата да го спроведува Законот за заштита и благосостојба на животните, но добивме податоци околу тоа колку пријави пристигнале во Министерството за малтретирање или убиство на животно.
– Во 2019 година регистрирани се 17 кривични дела „мачење животни“, најмногу на подрачје на СВР Битола-седум, потоа по две на подрачје на СВР Скопје, СВР Велес, СВР Струмица и СВР Штип и по едно на подрачје на СВР Охрид и СВР Тетово. Кривично се пријавени 17 сторители. Во периодот јануари-август 2020 година, регистрирани се 13 кривични дела „мачење животни“, по три на подрачје на СВР Охрид, СВР Куманово и СВР Штип, потоа две на подрачје на СВР Битола и по едно на подрачје на СВР Скопје и СВР Струмица, а кривично се пријавени девет сторители, стои во одговорот на МВР до МИА.
За случајот со приведениот жител на Свети Николе за малтретирање на животно, МВР ни одговори дека за настанот веднаш е известен надлежен јавен обвинител, по чија наредба е извршен увид, а М.Е. бил приведен и со него бил извршен разговор.
– СВР Штип – ОВР Свети Николе ќе поднесе кривична пријава против М.Е. од село Ерџелија, Свети Николе, поради сомнение за сторено кривично дело „мачење животни”, казниво по член 233 од Кривичниот законик, во врска со што се појави и видео на социјалните мрежи. За настанот веднаш е известен надлежен јавен обвинител, согласно член 280 и член 282 од Закон за кривична постапка, по чија наредба е извршен увид, а М.Е. бил приведен и со него бил извршен разговор. По целосно документирање на настанот ќе следи соодветен поднесок до надлежното Јавно обвинителство, посочија од МВР.
Марија Спасовска
Кристина Ивановска