„Ние по Устав сме социјална држава, меѓутоа кога ќе ја видите статистиката ќе видите дека ние не даваме социјална поддршка туку даваме средства за преживување. На работ на сиромаштијата имаме толку многу луѓе, буквално на работ на сиромаштијата. Вие можете да одвоите средства и дадете пари, меѓутоа ако не ги интегрирате во општеството, вработување, понуда на мерки, буквално да разговарате со нив и за оној превентивен момент којшто треба да се случи, ако го нема сето тоа, а го нема во моментот во Македонија, се случува тоа, да имате над 150 илјади граѓани кои живеат со 100 денари во џеб. Тоа е тоа што се случува и затоа во скалата ќе бидеме многу долу, затоа што никој на ова не работи многу време и немаме стратегија како држава за да го направиме ова сето да биде реалност “ – коментираше Велковски денеска во Битола на средба со пензионерите по објавената скала на среќа на нациите, а пренесе ТВ Тера.
Во проценката за социјално сигурна држава се вбројува и социјалната интеракција на возрасните, нивната економска состојба – пензиите што ги земаат, но и условите за живот или институционално згрижување. Велковски одржа средба и со иницијативниот одбор на пензионери кои од август лани протестираа со барање пред државата за покачување на пензиите, определување минимална пензија според порастот на трошоците за живот во месецот и, промена на методологијата на пресметка на пензиите.
„Ги разгледавме и мислам дека ќе има решенија бидејќи кога говориме за пензионерите мора да го истакнам податокот дека дури 220 илјади пензионери се со под 20 илјади пензија. Тоа е 2/3 од вкупниот број на пензионери во државата којашто за жал алармантна е состојбата и треба да се излезе во пресрет на нивните барања“, рече Велковски.
Пред неколку денови тој истакна дека со пензија под 20 000 денари се над 180 000 пензионери.