Фудбалската репрезентација на Македонија одигра еден тежок меч против Велс, на кој прими гол во последна минута и одигра реми (1-1) во рамки на квалификациите за СП 2026. По многу тактичка битка и борба на теренот, избраниците на Благоја Милевски дојдоа до предност во 91. минута преку Бојан Миовски, но пред самиот крај, во 96. минута, Велшаните се спасија од пораз во Скопје. Ова е прво реми во циклусот за СП 2026 за двете репрезентации, по стартните победи.

Милевски го смени тимот кој победи во Вадуц и им даде шанса на Бојан Илиевски и Тихомир Костадинов од првата минута.

Велс возврати со Бротхен како единствен класичен напаѓач и Џонсон како негова поддршка. Токму тие комбинираа и Џејмс биеше во првата минута, но Димитриевски одби во корнер. Македонија возврати во третата минута, но ударот на Костадинов заврши по земја крај десниот дирек на велшкиот голман Дарлоу.

Првиот дел заврши со нашата најзрела можност. Барди изведе корнер од десната страна, Алиоски фати волеј со левата нога, но биеше преку велшкиот гол.

Стартот на второто полувреме не донесе многу возбудувања, повторно гледавме тактичка битка и надмудрување на Милевски и Белами. Се до измените, кога влегоа Чурлинов и Атанасов на терен за Македонија. Токму крилото на Јагјелонија ја имаше најдобрата шанса на мечот, кога во 65. минута биеше со волеј, ама голманот Дарлоу го прочита неговиот обид.

На спротивната страна Велс можеше да поведе по едно недоразбирање на Димитриевски и Серафимов, кога топката во 73. минута се одби до Џонсон, ама Висар Муслиу беше на самата гол-линија и расчисти.

Тежок беше мечот за гледање до финишот, затоа што немаше сериозни можности и повторно се водеше груба битка со прекршоци, прекини, аути… ама пред самиот крај, најискусниот играч Ален погреши, а Бојан Миовски во 91. минута донесе водство. И потоа кога сите чекаа крај, следеше студен туш, затоа што на нешто околу пет секунди пред крајот, Велс дојде до реми со голот на Брукс.

Во следното коло од квалификациите за СП 2026, Македонија ќе биде домаќин на првиот фаворит во групата Белгија. Мечот се игра во јуни, а потоа следи гостување кај Казахстан.