На албанскиот претседател Илир Мета, на свеченост организирана во Венеција, му беше врачена наградата „Златен лав“.

Наградата му се доделува за придонес во промоција на демократијата и политичкиот плурализам, зајакнување на мирот и стабилноста на Балканот, промовирање на соживотот и верската хармонија, како и за зајакнување на италијанско-албанските односи.

Во присуство на локалните власти на Венецијанскиот регион, кој ја доделува оваа награда, претседателот Мета истакна дека наградата е симбол на пријателство меѓу Италија и Албанија, што е уникатно и неразделно пријателство.

-Ова е награда која првенствено е посветена на албанскиот народ, особено Албанците во Италија, од оние кои пристигнале пред неколку векови во Италија до денешните Албанци, за работниците, студентите и за сите семејства на Албанците. Ова е награда и за илјадниците Италијанци кои живеат и работат во Албанија долги години: претприемачи, студенти, професионалци. Оваа награда е симбол на пријателство меѓу Италија и Албанија, уникатно и неразделно пријателство, изјави Мета.

Тој посочи дека наградата му припаѓа и на неговото семејство, за подршката и љубовта „овозможувајќи ми да работам секој ден со упорност и спокојство“.

-Оваа награда е посветена и на умерените лидери во регионот кои благодарение на зрелоста и дијалогот направија балканските земји, кои носеа само кризи и војни, денеска да бидат се поблиску до Европа и до мирот меѓу народите, рече меѓу другото Мета.

Наградата е воспоставена пред 71 година.

Инаку, Мета е добитник и на признанието „Светски политички лидер за 2018“ што ја доделува фондацијатa „Фуедус“ за „промоција и зацврстување на односите и пројателството меѓу Албанија и Италија“.