Рената Дескоска е избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија.
Дескоска преку својот фејсбук профил информира дека изборот го сфаќа како признание за својата активност и за досегашниот придонес во работата на Комисијата.
-Денеска сум избрана за потпретседателка на Венецијанската Комисија, која ја одржува својата 145та сесија на 12 и 13 декември во Венеција. Во текот на вчерашниот ден за нова претседателка на Венецијанската Комисија е избрана Марта Картабија, професорка по уставно право и поранешна министерка за правда во Италија. Денеска се избрани тројца потпретседатели на Венецијанската Комисија: јас, Ерик Холмовик од Норвешка и Тимоти Оти од Обединетото Кралство. Среќна сум за тоа што сум првата потпретседател/ка на Венецијанската Комисија која потекнува од Македонија, но исто така и која потекнува од земја која не е членка на ЕУ или од било која од земјите кои произлегоа од поранешна Југославија. Денешниот избор го сфаќам како признание за мојата активност и досегашен придонес во работата на Венецијанската комисија. Досега учествував во изработката на 14 мислења за различни земји, кои ги презентирав на пленарните седници и кои едногласно беа усвоени. Воедно како претставник на Венецијанската комисија учествував и во повеќе мисии и конференции. Денешниот избор е обврска повеќе да продолжам со мојот ангажман на промоција на европските стандарди во областа на демократијата, човековите права и владеењето на правото, наведува Дескоска и изразува благодарност до сите што ја поддржале на овој пат.
Десковска беше министерка за правда за време на владеењето на СДСМ односно во владите на Зоран Заев.
фото: Архива




