Лидерот на венецуелската опозиција Хуан Гуаидо вчера соопшти дека ќе се обнови дијалогот со Владата на претседателот Николас Мадуро.
Дијалогот се враќа на преговарачката маса во Барбадос, со посредничка улога на Норвешка, но не се прецизира кога, јавија западните агенции.
Средбата на карипскиот остров со „претставници на узурпаторскиот режим” треба да послужи за „почнување преговори за завршување на диктатурата”, наведе Гуаидо во коминикето.
Гуаидо е признат за привремен претседател на Венецуела од педесетина земји.
„Венецуелскиот народ, нашите сојузници и демократиите низ светот ја признаваат неопходноста од вистински слободен и транспарентен изборен процес, што ќе ни овозможи да ја надминеме кризата и да изградиме продуктивна иднина“, се наведува во коминикето, цитирано од западните агенции.
Норвашката Влада преку коминике, исто така, потврди дека средбата ќе се оддржи неделава.
„Страните ќе се сретнат неделава во Барбадос, за да се обидат да најдат усогласено и уставно решение”, се посочува во коминикето, што беше цитирано и од венецуелскиот министер за комуникации, Хорхе Родригес.
Претходно, во мај, во Осло се оддржаа два круга преговори меѓу опозицијата и власта, без да дадат некој видлив резултат, потсетуваат француските медиуми.