Двајца високорангирани функционери во Венецуела ќе отпатуваат во Лондон на разговори со претставници на Централната банка на Англија за враќање на златото во вредност од 550 милиони долари, објави „Бизнис инсајд“.
Владата на претседателот Николас Мадуро сака во земјата да врати 14 тони злато, бидејќи стравува од меѓународни санкции. Засега нема официјална потврда од Централната банка на Англија и Министерството за финансии.
Сепак, британскиот парламентарец Ендрју Ливир ја повика управата на Централната банка на Англија да не одржува таква средба со венецуелски претставници. „Целосно е несоодветно високи функционери од Централната банка на Англија да се среќаваат со лица кои поради корупција се наоѓаат на американската листа на кои им се воведени санкции. Средба со такви лица би го загрозил угледот на британската банка и Влада, во целина“, пишува пратеникот во писмото уипатено до Банката.
Венецуела со децении дел од своите резерви на злато ги чува во трезорите на други банки. Покојниот претседател Уго Чавез во 2011 година во Централната банка врати 160 тони злато од банки во САД и Европа, со цел да овозможи подобра контрола.
Критичарите на Мадуро сметаат дека златото не треба да се враќа во државата, бидејќи би можело да се користи за финансирање корупција.