Претседателот на Венецуела Николас Мадуро за време на митингот одржан во Каракас, го повтори својот апел до опозицијата за дијалог, додека претседателот на Народното собрание Хуан Гуаидо, кој се прогласи за привремен претседател на земјата, повторно побара од своите поддржувачи да излезат на улиците, јави агенцијата Анадолија.
Во Венецуела, која се соочува со најсериозната политичка криза во својата историја, поддржувачите на Владата и опозицијата одржаа протести низ земјата.
Во два посебни митинга одржани во Каракас учествуваа илјадници граѓани на Венецуела, од опозицијата, но и оние кои ја поддржуваат Владата.
Поддржувачите на Мадуро, со поддршка на владејачката партија на Венецуела, Партијата на обединети социјалисти, синдикатите и невладините организации, од различни места на градот маршираа кон претседателската палата Мирафлорес, каде што се одржа митинг, на кој учествуваше и венецуелскиот претседател.
– Ја повторувам мојата доброволност и поддршка во насока на барање преговори, дијалог и договор за доброто и иднината на Венецуела, истакна Мадуро.
Осврнувајќи се на состанокот одржан во главниот град на Уругвај, Монтевидео, на кој присуствуваа и претставници на Европската Унија, Мадуро упати апел до претседателот на Мексико Андрес Мануел Лопез Обрадор, претседателот на Уругвај Табаре Васкез и до претседателот на Боливија Ево Моралес, да бидат посредници во потрагата по дијалог.
Мадуро, исто така побара другите претседатели на државите во светот да го подигнат кренат својот глас за да се стави крај на агресивниот став на претседателот на САД, Доналд Трамп и неговиот кабинет против Венецуела.
– Народот на Венецуела не заслужува толкава омраза и агресија, рече Мадуро, додавајќи дека колку и да се спроведуваат санкции, тие ќе постигнат победа.
Мадуро се осврна и на прекините на електрична енергија, тврдејќи дека последниот прекин бил предизвикан од кибер напади извршени од Колумбија и Чиле.
Претседателот на Венецуела нагласи дека ќе продолжат да се борат против прекините на електрична енергија и проблемите со водоснабдувањето и од народот побара да биде трпелив, информира Анадолија.
Поддржувачите на опозицијата кои се за новиот план на Гуаидо за улични демонстрации, поддржан од САД и наречен „Операција за слобода“, маршираа од подрачјата на Сукре, Барута, Либертадор и Чакао во Каракас, кон митингот одржан во подрачјето на Ел Маркес.
Гуаидо во своето обраќање на митингот нагласи дека овој марш, покрај протестите против прекинот на електрична енергија и водоснабдувањето, се одржа и со барање за оставка на Владата.
Гуаидо рече дека в среда ќе преминат на друга фаза од „Операцијата за слобода“, упатувајќи апел до поддржувачите на опозицијата за повторно одржување демонстрации низ земјата.