Заменик-претседателката на Европската комисија, Вера Јурова, очекува отпор од некои земји-членки на Европска унија кон новите регулативи за слободата на медиумите што ЕК ќе ги претстави на 13 септември, со кои Брисел се обидува да ги дистанцира политичарите од медиумите.
– Претпоставувам дека патот на тој закон низ законодавниот процес нема да биде лесен. ЕК ќе го претстави на 13 септември. Очекувам дека некои членови ќе имаат забелешки токму затоа што создаваме што е можно поголема дистанца меѓу политиката и медиумите. Можно е на некои земји да не им се допадне тој аспект. На некои нема да им се допадне тоа што ЕУ воопшто сака да го регулира, изјави Јурова во интервју за чешкиот јавен сервис Радиожурнал.
Таа нагласи дека законот не ги регулира самите медиуми, туку средината во која тие функционираат и ги елиминира оние административни мерки на власта кои влијаат врз слободата и независноста на медиумите.
– Тоа се случува на различни начини, или директно со намалување на финансирањето на јавните услуги или поставање на луѓе лојални на владата во нив. Тоа се случува преку различни даночни маневри во областа на финансирањето. Има и скриени методи кои предизвикуваат некои медиуми непопуларни кај политичарите да има проблем да преживеат. Видовме, на пример, во Полска предлог-закон за оданочување на некои медиуми, на што самите медиуми реагираа со црни насловни страници, посочи Јурова.
Еврокомесарката предупреди и на практиката на злоупотреба на јавните пари за обезбедување на влијание врз медиумите, како и за купување медиуми, концентрација и нивна монополизација.
– Од година во година, трендот се влошува, дури и во земјите каде што ситуацијата не беше сериозна. На пример, во Словенија имаше проблеми со финансирањето на новинската агенција. Во голем број земји се влошува реториката на политичарите кон медиумите. Како што се влошува атмосферата во општеството, медиумите стануваат нешто како јавен непријател, наведе Јурова.
Таа како позитивни примери за заштита на независноста на медиумите ги наведе скандинавските земји и Германија.