Директорот на јавното претпријатие Водовод и канализација Душко Весковски реагира на изјавата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски нарекувајќи ги „смешни и трагикомични клевети“ дадени пред почеток на престојната изборна кампања за локалните избори.

„Јас, како генерален директор на ЈП Водовод и канализација Скопје, категорично тврдам дека целата постапка за реконструкција на водоводната и канализациона мрежа на улица Варшавска е спроведена согласно законските прописи, градежните стандарди и нормативи. По добиеното одобрение за реконструкција во месец јули 2020 година од Општина Карпош, е спроведена постапка за јавна набавка за склучување на посебен договор преку јавно негативно аукциско наддавање, при што наведената фирма е избрана за најповолен понудувач. Во спроведенета постапка останатите четири учесници немаат вложено жалба за изборот на најповолниот понудувач“, се наведува во соопштението од Водовод и канализација испратено во име на директорот Весковски.

„За манипулацијата со јавноста да биде уште пофантастична, на посочената фирма, ЈП Водовод и канализација Скопје ги нема во целост исплатено времените градежни ситуации за реконструкцијата. Во недостаток на идеи и проекти од страна на ВМРО ДПМНЕ, кои улицата Варшавска ја оставија со еден куп новоизградени бетонски чудовишта, опозициската партија се обидува со лаги, клевети и манипулации да фрлат дамка врз решението на ЈП Водовод и канализација Скопје, со кое граѓаните на овој дел од Општина Карпош добија трајно решение за водоводната и канализационата мрежа.

За искажаните клевети и невистини, од страна на Димитар Димса Арсовски, портпарол на ВМРО ДПМНЕ упатуваме јавно барање за извинување и повлекување на изнесените лаги и невистини, а во спротивно ќе поведеме соодветна судска постапка за утврдување на граѓанска одговорност за изречените лаги и клевети, вели Весковски.

На ова ВМРО-ДПМНЕ возврати:

Штотуку Душко Весковски призна дека започнал и завршил со реконструкција на водоводна мрежа на улица Варшавска, па потоа спровел јавна набавка, реагираат по демантот на демантот на ЈП Водовод и канализација – Скопје од ВМРО-ДПМНЕ.

Аман Дуле не го брани Шилегов, штотуку призна кривично дело.

Директорот на Водовод и канализација Скопје, Весковски призна кривично дело според член 353 од Кривичен законик.

Во самиот демант на Весковски се гледа и докажува дека аукцијата и јавната набавка е направена на 01 октомври 2020, а реконструкцијата на улицата Варшавска е започната на 14 јули и завршува на 20 август 2020.

За целата криминална постапка од над 18 милиони денари на Весковски и Шилегов дополнителни цврсти докази и детали ќе следат во текот на утрешниот ден во која се потврдува дека фирмата КБК Инжинеринг градела пред набавката, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.