Министерот за надворешни работи има обврска да биде транспарентен и да ја информира јавноста дали таа личност е вработена во институцијата, во каква постапка и зошто е токму таа избрана за таа позиција.
Вака на прашање на Дојче Веле одговори вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, по нетранспарентноста околу случајот со Бесмира Ејупи, кој од февруари годинава ја бранува јавноста, а кулминира овој месец со тврдење на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека тоа лице е вработено во Министерството за надворешни работи.
Сѐ започна во февруари годинава, кога дел од медиумите објавија дека 28-годишната телевизиска презентарка на затворена седница на Владата била предложена за генерален конзул во Њујорк, иако немала соодветни кавалификации за таа позиција.
По реакциите во јавноста, според непотврдени податоци, на друга затворена седница наводно Владата ја повлекла ваквата одлука, но надлежните тогаш тврдеа дека таков предлог немало и дека не го познаваат лицето за кое пишуваат медиумите.
За Ејупи, исто така, имаше повеќе информации дека земала пари од проекти од повеќе јавни институции и членување во одбори.